Музичари и познати личности се збогуваат со загинатите од бендот „ДНК“
Музичари и познати личности на социјалните медиуми се збогуваат со трагично загинатите членови на групата ДНК кои загинаа во пожарот во дискотеката во Кочани. Меѓу загинатите е и фронтменот на групата Андреј Ѓоргиевски.
– Срце планина. Толку искрен и реален. Ретко кој можеше да те сфати! Секогаш ќе те паметам по твојата насмевка и блесава смисла за хумор. Патувај и пеј таму горе. Ќе фалиш бескрајно, напиша Тамара Тодевска.
Антониа Гиговска, која пееше придружни вокали во една од песните на ДНК напиша: „Голем човек, големо срце, голема загуба. Почивај во мир, добро човече. Пеј како што си знаеше ти – најгласно, најубаво. Таму горе. Не сакам да верувам…“
– Куме мој. Навикната бев да ви ги споделувам новите песни и спотови на ДНК со години наназад. Никогаш не помислив дека сега ќе споделам ваква тажна, претажна вест. Кога ми ја пушти песната „Ако утре ме нема“ ти реков дека многу ми се „свиѓа“ без да помислам дека таа песна ти ја претскажа тажната судбина. Те нема веќе куме ама само физички… во срцата на оние кои те сакаат ќе те има засекогаш, напиша Лила Филиповска