МВР потврди: Нема евидентиран излез од земјава на Ива Михаилова

Screenshot

Министерството за внатрешни работи (МВР) попладнево официјално се произнесе и потврди дека од страна на граничната контрола не е евидентиран излез од земјава на Ива Михаилова.

„Во однос на лицето за кое прашувате, Ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, соопштија попладнево од МВР.

Претходно денеска, од извори упатени во случајот, „360 степени“ објави дека Ива Михаилова била на стоп-листата на МВР, но дека не е евидентиран нејзин излез од Македонија.

По пристигнувањето во Бугарија, Михаилова во изјава за локалните медиуми кажа дека нема ништо нелегално во нејзиното преминување на македонско-бугарската граница и дека тоа го сторила со своите лични документи. На прашањето како ѝ било дозволено да замине од Македонија, таа рече оти граничната полиција соработувала.

Ива Михаилова е жителка на Кочани со македонско и со бугарско државјанство, на која ѝ се суди во Кочани поради сообраќајка со смртни последици, а во рамки на постапката, како мерка на претпазливост ѝ се одземени личните документи. Бугарските медиуми утринава објавија дека таа заедно со својот адвокат ја напуштила Македонија и заминала за Бугарија на лекување.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close