МВР тврди дека автобусот со средношколци од „Орце Николов“ имал неисправни кочници, Град Скопје го демантира

Полицијата утврдила дека автобусот кој четири пати се расипуваше на враќање од екскурзија од Грција, со ученици од скопската гимназија „Орце Николов“,  бил технички неисправен во кочниците, додека, пак, Град Скопје тврди дека автобусот бил исправен и имал само проблеми со светлата за магла. Ова го тврдат двете институции во одговор за „СДК.мк“.

Од Министерството за внатрешни работи вчера рекле дека при технички преглед било утврдена техничка неисправност на кочниците.

– По издадена наредба, во станица за технички преглед е извршен вонреден технички преглед на автобусот, каде е утврдена техничка неисправност на одредени делови во системот за кочење. За тоа од Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај при СВР Велес е изготвен службен материјал, кој ќе биде проследен до надлежните институции за понатамошно постапување – се вели во одговорот за порталот од СВР Велес.

Град Скопје, пак, тврди дека автобусот бил исправен.

Од кабинетот на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски одговориле дека градоначалникот и Град Скопје не прават избор на агенција за реализација на екскурзиите, туку единствено се потенцира сите постапки кои што се вршат во рамки на училиштата дека мора да бидат согласно закон и согласно исполнување на сите потребни критериуми.

– Конкретната екскурзија која ја споменувате е реализирана по претходно спроведена постапка, односно јавен повик распишан од страна на Совет на родители на училиштето кој што е составен од претставници од родителите, а и самиот претседател на Советот е од редот на родителите. Според информациите кои ги имаме добиено од училиштето, автобусот на 8 мај бил сопрен од полициска контрола и бил испратен на технички преглед, но поради тоа што било петок навечер, проверката е направена во првиот работен ден, односно на 11 мај, при што е утврдено дека автобусот бил технички исправен и истиот е вратен на агенцијата при што е напишана само една глоба за нефункционална светло магленка – одговориле од Град Скопје, односно дека имало проблем само со светлата за магла.

Учениците од скопската Гимназија „Орце Николов“ кои беа на екскурзија во Грција телефонски ги информирале родителите дека не можат да се вратат од екскурзија дома, зашто автобусот им се расипувал четири пати. Родителите се јавиле во полиција и го пријавиле случајот, по што автобусот бил сопрен од полициски службеници од СВР Велес во близина на патарината Отовица, кај Велес. Автобусот беше одземен и пренесен во станица за технички преглед за утврдување на техничка исправност.

Учениците со друг автобус биле вратени за Скопје, со задоцнување од 4-5 часа.

Back to top button
Close