На 9 март продолжуваат преговорите со Финска и Шведска за нивниот влез во НАТО, најави Турција

Кон крајот на јануари Турција ги прекина преговорите со двете земји и го одложи трипартитниот состанок предвиден за февруари по неколкуте демонстрации против Турција и исламот во кои лидерот на данската екстремнодесничарска политичка партија Расмус Палудан запали копија од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу најави дека разговорите со Шведска и Финска за нивната кандидатура за членство во НАТО ќе продолжат на 9 март.

Кон крајот на јануари Турција ги прекина преговорите со двете земји и го одложи трипартитниот состанок предвиден за февруари по неколкуте демонстрации против Турција и исламот во кои лидерот на данската екстремнодесничарска политичка партија Расмус Палудан запали копија од Куранот пред турската амбасада во Стокхолм.

„Моите колеги ќе присуствуваат на состанокот што ќе се одржи на 9 март“,рече Чавушоглу на прес-конференција во Анкара и додаде дека средбата ќе се одржи во Брисел.

Чавушоглу додаде дека Шведска сè уште не ги исполнува своите обврски од меморандумот потпишан на самитот на НАТО во Мадрид минатиот јуни, иако генералниот секретар на НАТО и другите сојузници рекоа дека Стокхолм ги променил своите закони.

„За жал, не видовме задоволителни чекори од страна на Шведска во спроведувањето на Мадридскиот меморандум. Не е можно да кажеме ‘да’ на шведската кандидатура за НАТО пред да ги видиме овие чекори“рече Чавушоглу.

Шведска сака да го обнови дијалогот со Турција за нејзиното членство во НАТО

Шведска и Финска аплицираа за влез во НАТО минатата година откако Русија ја нападна Украина, но особено Шведска се соочи со неочекувани приговори од Турција.

Анкара го обвинува Стокхолм дека засолнува, како што вели, членови на терористички групи и бара нивна екстрадиција како чекор кон давање зелено светло на Шведска за членство во НАТО.

САД и другите земји од НАТО се надеваат дека двете нордиски земји ќе станат членки на Алијансата на самитот на НАТО на 11 јули во Вилнус, главниот град на Литванија.

Back to top button
Close