Најбогатиот руски политичар призна дека убил човек
– Најбогатиот политичар во Русија, Игор Редкин, пратеник во Собранието на Камчатка, призна дека случајно убил човек на депонија во селото Озерновски, изјави денеска неговата соработничка Олга Струченко за руската агенција ТАСС.
Таа на јавноста и ја презентираше официјалната писмена изјава на Редкин.
– На 2 август се случи трагедија во која јас, Игор Редкин, бев вмешан иако имав друга намера. Вечерта дознав дека мечка талка низ депонијата во селото Озерновски. Животното претставуваше потенцијална опасност за локалното население. Зедов пиштол за да ја исплашам мечката. Во самрак пукав во неа. Потоа, дознав дека локален жител бил ранет во таа област приближно во истото време. Подоцна починал в болница, се вели во неговата изјава.
Редкин истакна дека е „подготвен да ја прифати казната која ќе ја одреди судот“.
Тој потсети дека долго време бил пратеник и дека направил многу за оваа област.
Редкин, исто така, нагласи дека е правилна одлука да се суспендира неговото членство во партијата „Единствена Русија“ и да ја напушти изборната кампања со цел да спречи озборувања.