Најдолгата река во Италија практично пресуши, а уште не е ни лето
Не толку одамна Венеција беше актуелна поради пресушувањето на нејзините препознатливи канали, а сега нешто слично се случува и со реката По, најдолгата река во Италија.
По тече приближно 652 километри од својот извор во Котиските Алпи во Пиемонт до устието во Јадранското Море во близина на Венеција. Оваа река е клучна сообраќајна артерија за Италија и служи како важен извор за земјоделско наводнување во северна Италија, пренесе „Индекс“.
По е исто така важно живеалиште за различни видови, вклучувајќи риби, птици и цицачи. Голем број поголеми градови лежат покрај бреговите на реката По; Торино, Пјаченца, Кремона и Ферара. Може да се каже дека реката По е важна и за туризмот во Италија.
Потоплите зими негативно се одразија на снежната покривка која вообичаено ги храни реките и езерата во регионот. Ситуацијата е малку полоша оваа година бидејќи многу туристички дестинации на бреговите на реката По се соочуваат со услови слични на суша, што влијае на туристичките активности како што се крстарењата по реките.
Условите се толку лоши што агенциите можеби ќе треба дури и да ги откажат сите резервации за крстарења, освен ако регионот наскоро не добие силен дожд, доволно за да ги наполни исушените реки и езера.
Популарни туристички атракции лоцирани околу реката се езерото Гарда и Комо, градови како Болзано, Тренто и Торино.