Најмладиот член на Менса во Британија има само четири години, научил да чита на две години

 Мало дете од градот Портисхед, југозападна Англија, кое научило да чита на свои две години, е најмладиот член на Менса во Велика Британија.

Сега четиригодишниот Теди, исто така, може да брои до 100 на шест странски јазици, вклучувајќи го и мандаринскиот. Мајката на момчето, Бет Хобс вели дека тој научил да чита на само 26 месеци „гледајќи детски канали и повторувајќи ги буквите“ што ги гледал на екранот.

– Почна да ги следи зборовите на екранот, а кога тргна в градинка по укинувањето на Ковид-мерките, им кажавме на наставниците дека веруваме дека научил да чита. Наскоро ни се јавија на телефон и потврдија дека тој знае да чита!, вели таа.

Тоа било само почетокот на воодушевувањето кај родителите на Теди.

– Потоа, тој свиреше на таблетот, испушташе некои звуци кои едноставно не ги препознавав, па го прашав што е тоа, а тој ми вели: „Мамо, бројам на мандарински“, раскажува Хобс.

Неговите родители велат дека, сепак, сакаат Теди да има вистинско детство.

– Тој почнува да сфаќа дека неговите другарчиња сè уште не знаат да читаат и не разбира зошто. Нам ни е многу важно тој „да не лета во облаци“. Треба да разбере дека има некои вештини, но и дека некое друго дете, на пр., може да трча побрзо од него – секој има одредена дарба, вели Хобс.

Менса го признава членството врз основа на тест за интелигенција, каде што се потребни најмалку 98 отсто точни одговори на стандарден тест. Теди е примен во тоа здружение кога имал три години и сега тој е најмладиот член на тоа „високоинтелектуално друштво“ со седиште во Обединетото Кралство.

Back to top button
Close