Нападната новинарка на албанска телевизија во северниот дел на Косовска Митровица

 

 Мрежата „Безбедни новинари”, која ги опфаќа новинарските здруженија од регионот, денеска објави дека новинарката на албанската телевизија Топ чанел, Леонита Бајрами, била нападната со пиротехничко средство додека известувала од барикада во северниот дел на Косовска Митровица. 

Според мрежата, инцидентот се случил во вторникот на 27 декември за време на директниот пренос на утринската програма на оваа албанска телевизија. 

Се додава дека ова е шести напад врз новинари на северот на Косово во текот на декември и дека Здружението на косовските новинари постојано апелирало до КФОР и ЕУЛЕКС „повеќе да се вклучат во гарантирањето на физичката безбедност на новинарите”. 

– Ги повикуваме одговорните институции да ги расветлат сите случаи на напади врз новинари кои се случуваат на Косово, бидејќи секој случај кој поминува неказнето води до повеќе злосторства врз новинарите, се наведува во соопштението на „Безбедни новинари”. 

Тие најавија дека за овие напади ќе ги информираат „релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни”. 

Мрежата „Безбедни новинари” ја сочинуваат Независното здружение на новинари на Србија, Здружението на новинари на Македонија, Синдикатот на медиуми на Црна Гора, Здружението на новинари од БиХ, Хрватското новинарско здруѓение и Здружението на новинари на Косово.

Back to top button
Close