Нападот во Голдерс Грин се третира како терористички инцидент


Шефот на британската антитерористичка полиција и помошник комесар Лоренс Тејлор потврди дека денешниот напад во еврејскиот кварт во Голдерс Грин во Лондон, во кој беа избодени две лица, се третира како терористички инцидент.

Тејлор рече дека „високо специјализиран“ тим на антитерористички истражители работи заедно со Метрополитен полицијата за да се „унапреди истрагата“ и додаде дека полицијата соработува со „партнерите од безбедносните служби“, пренесува Скај њуз.

– Еден од правците на истрагата е дали овој напад бил намерно насочен кон еврејската заедница во Лондон. Сакам да биде јасно дека антитерористичката полиција и полициските сили ширум земјата мобилизираат дополнителна поддршка. Ги замолуваме граѓаните да бидат внимателни и да бидат тука за заедниците кои веројатно ќе бидат загрижени вечерва – рече Тејлор.

Комесарот на Метрополитен полицијата, Марк Роули, соопшти дека уапсениот маж има „историја на тешко насилство и проблеми со менталното здравје“.

Тој рече дека денешниот напад е уште еден „грозен чин на насилство“ насочен кон еврејските заедници, кој „со право ќе ги шокира и разлути луѓето ширум Лондон“.

Роули ги пофали припадниците на полицијата кои „биле на самото место за неколку минути“, што „несомнено спречило дополнителни повреди и спасило животи“ и додаде дека неговите мисли се со двајцата повредени британски Евреи кои биле избодени „додека ги извршувале секојдневните активности“.

Двајца мажи, Евреи, се тешко ранети во напад со нож пред синагога во лондонската населба Голдерс Грин.

Осомничениот бил неутрализиран на самото место од припадници на еврејската група Шомрим пред да биде уапсен од полицијата.

Британскиот премиер Кир Стармер го опиша нападот како „длабоко загрижувачки“ и порача дека властите спроведуваат истрага со ветување дека државата ќе се справи со таквите инциденти.

Израелското Министерство за надворешни работи остро ја критикуваше британската влада по нападот, велејќи дека британските власти повеќе не можат да тврдат дека антисемитизмот е под контрола, пренесува Тајмс оф Израел.

Back to top button
Close