Народе – штикла!

НАТО – Штикла. Попис – Штикла. Честито народе! Таков билборд стоеше на крстосницата спроти Владата како дел од кампањата на СДСМ за локалните избори, на кои помина толку лошо што Зоран Заев реши да си даде оставка и од премиерската функција и како лидер на партијата. Е па, честито народе.

Баш тоа „народе“ беше последниот од низата предвесници на поразот на СДСМ. Гласачите со кои таа партија победи пред 4 години не паѓаат на популистички финти од типот „народе“.

Заблуда беше на СДСМ што воопшто и се обиде да се трка со ВМРО-ДПМНЕ на нивен терен. Гласачите кои го донесоа СДСМ на власт бараа само добро владеење. Луѓето се нетрпеливи.

Супер е тоа што земјава стана членка на НАТО. Многу бевме горди и срцето ни заигра кога го видовме македонското знаме развиорено помеѓу американското и британското. Ама, не ќе беше лошо дома ѓубрето да го исчистевте. И буквално и фигуративно.

Од неспособни партиски директори до корупција. И – „важно е да се гради“. Ја потценија ВМРО-ДПМНЕ, која дури и како опозиција ги диктира политичките теми во државата.

Ја потценија и кандидатката за градоначалничка на Скопје Данела Арсовска која во кампањата бараше оставка од премиерот Заев, па не би ме зачудило следната кандидатура да ѝ биде за претседателка на државата.

Но, најмногу ја потценија разочараноста на граѓаните. Е па, честито народе нова политичка криза. Оти одамна сме немале, па баш ни фалеше.

Доста се секиравме за изборите во Бугарија, па ај сега да се секираме за нашите.

Морало секоја година да се оди на избори. Божем ние Холандија сме, каде партиите половина година не можат да се договорат за нова Влада, а земјата им бележи економски раст. А кај нас и ѓубрето не се собира додека се чека нов директор на комунално претпријатие. Затоа што сите избори ни се агонија. Смрт или слобода.

Патриоти и предавници. Овој пат надградени во духот на Преспанскиот договор – северџани и вемерџани.

Целата колумна на Горан Михајловски прочитајте ја тука

Back to top button
Close