Народна банка: Банките треба редовно да ги ажурираат податоците на граѓаните кои се нивни клиенти

Комерцијалните банки, согласно постојната законска регулатива од Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Законот за заштита на лични податоци, како и подзаконската регулатива, треба редовно да ги ажурираат личните податоци на клиентите, соопшти Нардоната банкаОд НБ посочуваат дека во современи услови на сѐ позачестено користење на услугите на електронско и мобилно банкарство, согласно законските одредби за заштита на личните податоци и безбедноста на плаќањата, неопходно е банките да одржуваат редовна комуникација со клиентите, заради безбедно извршување на услугите и заштита на корисниците на финансиски производи и услуги.

Банките треба да го потврдат идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик при воспоставувањето на деловниот однос. Секоја банка со интерен акт ја определува фреквенцијата на ажурирање на документите и податоците потребни за следење на деловниот однос со клиентите. При промена на некој од личните податоци (адреса, нова лична карта и сл.), клиентот е должен соодветно да ја извести и банката чиишто услуги ги користи.

Банките треба да ги информираат граѓаните за наједноставниот, најлесниот и најбрзиот начин на кој можат да ги ажурираат своите лични податоци, како и колку често треба да врши ажурирање на нивните лични податоци кај банката (дури и тогаш кога нема промена на податоците). Во некои банки постои можност ажурирањето на податоците да се врши по електронски пат, без доаѓање на шалтер во банките.

Изнаоѓањето начини за известување за новините во регулативата, како и редовната комуникација со клиентите за сите аспекти при користењето на услугите од банкарскиот сектор придонесува кон зголемување на довербата на граѓаните во банкарскиот сектор, а со тоа се намалува просторот за шпекулации и дезинформации коишто можат да ја нарушат стабилноста на банкарскиот систем, се вели во соопштението на Народната банка

Back to top button
Close