Не е забрането да се напаѓаат нуклеарни централи, под одредени околности

Нуклеарните централи и војната во Украина – што вели меѓународното право

Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Европа, би можела да биде цел на руски или украински напади. Според Женевската конвенција – под одредени околности не е забрането да се напаѓаат нуклеарни постројки. Примарна цел е заштита на цивилното население.

Руската армија во март ја окупираше нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, а од крајот на јули таа постојано е гранатирана. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за нападите. Тоа предизвика страв од нуклеарна катастрофа во најголемата европска атомска централа. Советот за безбедност на ОН минатата недела одржа итен состанок за ситуацијата во Запорожје без да се доближи до решение.Не е првпат во оваа војна да се покренува прашањето за нуклеарна безбедност. Притоа не станува збор само за можна употреба на нуклеарно оружје – рускиот претседател Владимир Путин отворено ја изрази оваа идеја – туку и за нуклеарните централи како воени цели.

Неверојатно прецизни правила

Што вели меѓународното право за ова? Женевската конвенција од 1949 година и нејзините подоцнежни дополнителни протоколи го уредуваат водењето на вооружени конфликти и имаат за цел да ги ограничат нивните ефекти. Членот 56 од 1-от дополнителен протокол од 1977 година зборува за „Заштита на инсталации и објекти што содржат опасни сили“. Покрај браните и насипите, се потенцираат и нуклеарните централи.

Бидејќи Руската Федерација и Украина се договорни страни и не изразиле никакви резерви во однос на 1-от дополнителен протокол, правилата важат за двете држави.

А овие правила се вчудовидувачки детални. Според нив, нуклеарните централи, како што стои во став 1, во принцип не смеат да бидат нападнати „ниту (…) ако претставуваат воени цели, доколку таквиот напад може да ослободи опасни сили и со тоа да предизвика сериозни жртви меѓу цивилното население“. Тука несомнено се мисли на зрачењето.

Како што е конкретизирано во Женевската конвенција, се работи за еден од принципите на меѓународното хуманитарно право: правење разлика меѓу воени и цивилни цели. Да се напаѓаат смеат само воени цели и тоа само под одредени услови. Цивилното нaселение мора во секој случај да биде заштитено.

Нуклеарните централи како „поддршка на воени операции“

 

Сепак, пасусот покажува и дека нуклеарните централи не се секогаш табу, туку само „доколку таквиот напад може да ослободи опасни сили и со тоа да предизвика сериозни жртви меѓу цивилното население“. Ова значи дека ако не се очекуваат сериозни жртви меѓу цивилното население од евентуален напад, таков напад може да биде дозволен под одредени околности.

Ставот 2 регулира за кои околности може да се работи, имено кога електраните „обезбедуваат електрична енергија за редовна, значајна и непосредна поддршка на воени дејства и кога таквиот напад е единственото практично средство за прекинување на оваа поддршка“.

Првата точка е секако прашање на толкување. Во време на војна речиси секоја нуклеарна централа би обезбедила енергија и за цивилните потрошувачи и за воените операции. Поделба е тешко можна. Но, дали обезбедува „значајна“ поддршка за воените дејства? Така, оценката за тоа дали централата е легитимна воена цел или не, е работа на проценка на оној кој тоа го оценува.

Примарна цел – заштита на цивилното население

Исто така, тешко е да се докаже дека напад „е практично единственото средство“ за да се стави крај на поддршката за војната. Во секој случај, евентуалниот агресор мора претходно да ги одмери работите и да го почитува принципот на пропорционалност: Дали воената полза е поголема од ризиците? Какви последици би имале моите постапки врз цивилното население? И, зарем не постојат помалку сериозни средства за електраната да се направи неупотреблива? На пример, уништување на далноводи, за централата да не може да испорачува струја, но и за да нема зрачење. Меѓутоа, прекинот во напојувањето може да има сериозни последици и за населението, особено во зима.

Но, дури и кога околностите го оправдуваат нападот, став 3 од Дополнителниот протокол наведува дека „цивилното население (…) ќе продолжи да има право на секаква (…) заштита што ја дава меѓународното право“. Напаѓачот би морал да направи сѐ што е можно за да ги заштити цивилите од радијација, на пример со евакуација на околните области.

Војска може да биде распоредена кај нуклеарката – како одбрана

Ставот 5 е исто така релевантен за конфликтот околу електраната Запорожје: „Страните вклучени во конфликтот ќе настојуваат да не поставуваат никакви воени цели во близина на постројките или објектите споменати во став 1“.

Украина ја обвинува Русија дека воено се уврдила во електраната, практично користејќи ја како заштитен штит за да избегне украинско гранатирање. Локалниот руски окупаторски функционер Владимир Рогов, пак, обвини дека имало тешко украинско гранатирање од американски хаубици во близина на електраната и во станбени области.

Кога станува збор за забраната за поставување воени цели во близина на нуклеарна централа, се вели и дека: „Објектите што се создадени само со цел да се одбранат заштитените постројки или објекти од напади се дозволени и не смеат да бидат нападнати“. Русија без сомнение ќе ја прикаже својата војска во електраната како чисто дефанзивна.

Заклучок: Државите кои ја имаат потпишано Женевската конвенција и нејзините дополнителни протоколи – а тоа ги вклучува Русија и Украина – си имаат поставено големи пречки за напади врз нуклеарни централи. Сепак, тие не ги исклучуваат целосно, дури и ако околностите за евентуален дозволен напад се дефинирани многу тесно.

Сепак, практичните ефекти на член 56 од 1-виот дополнителен протокол на Женевската конвенција се ограничени. Бидејќи, обично останува прашање на толкување дали овие околности постојат во конкретниот случај или не. Покрај тоа, Русија има постојано место во Советот за безбедност на ОН со право на вето и би можела да спречи какви било можни санкции на Обединетите нации поради кршење на меѓународното право.

(Дојче веле)

 

 

 

 

Back to top button
Close