Не го оспоруваме изборот на кандидати за контролори на летање, тврди М-НАВ по информациите за местење на огласот


Не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акцискиот план, реагираат од М-НАВ по обвинувањата дека членови на УО сакаат да го оспорат огласот и истиот да пропадне бидејќи нивните и децата на функционери не се меѓи избраните кандидати
Националниот давател на услуги за воздухопловна навигација, М-НАВ тврди дека постапката за избор на кандидати за обука за контролори за летање се одвива нормално според акцискиот план, како и дека Управниот одбор не ја оспорува селекцијата на кандидати.

„Да Ве известиме дека тврдењата на Синдикатот на Контролори на летање се неточни. Селекцијата за контролори што се одвива според препораките на Eurocontrol, FEAST тестовите, лекарските прегледи, интервјуата што се филтри кои се спроведени од страна на данските експерти кои се избрани со постапка за јавна набавка од М-НАВ А.Д. Не се точни тврдењата и шпекулациите дека ние како институција не им веруваме на данските експерти, напротив имаме одлична соработка со нив и нивното меѓународно реноме. Исто така, не се точни тврдењата дека Управниот одбор има дадено изјава дека го оспорува изборот на 8-те кандидати или дека кандидатите не се вистинскиот избор, напротив процесот не е едноставен и се спроведува според акцискиот план на М-НАВ“,

велат од М-НАВ во демантот за обвинувањата од Струковиот синдикат на контролори за летање (ССКЛ).
За сомнежите за местење на огласот вчера објави порталот „Сакам да кажам“. Станува збор за конкурс на кој биле избрани осум од околу 250 пријавени кандидати. За изборот на кандидати беше задолжена „Гејт авиејшн тренинг“ – лиценцирана фирма од Данска, меѓутоа иако селекцијата заврши обуката на селектираните кандидати не е почната. Како што вчера објави „Сакам да кажам“, тројцата членови на управниот одбор на М-НАВ, на чело со претседателот Фахрудин Хамиди, сакаат да го пропаднат огласот бидејќи меѓу осумте кандидати што го положиле испитот и биле селектирани за обуката од страна на данската фирма, не се децата на членовите на УО и на функционери од ДУИ кои конкурирале.

Претседателот на Синдикатот, Александар Тасевски, денеска повика целосно да се спроведе конкурсот, и посочи дека со оглед на тоа што сè уште не е почната обуката на најдобрите кандидати, вчера до менаџментот на М-НАВ е доставено писмо со кое раководните лица од пониско ниво – помошници директори, раководители на сектори, главни инструктори, експерти, побарале да бидат разрешени. Станува збор за лица кои се вклучиле во процесот на избор, за да бидат набљудувачи со цел да се изберат квалитетни кандидати.

Back to top button
Close