Не помина предлогот на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците

На денешната собраниска седница не помина предлог-законот на пратеничката група на Левица за ограничување на патните трошоци за пратениците. По обраќањето на пратеникот од Левица, Амар Мецановиќ, претседателот на Собранието го стави предлогот на гласање за да се донесе по скратена постапка.

Иако во собраниската сала имаше 100 присутни пратеници, „за“ гласаа 23 пратеници, еден беше „против“, а немаше „воздржани“. Со тоа предлогот на Левица не беше усвоен.

Веднаш по гласањето на социјалните мрежи се огласија лидерот на Левица, Димитар Апасиев и пратеничката Јована Мојсоска.

„Со 23 гласа ‘за‘ и еден глас ‘против‘ не помина законот на Левица за ограничување на патните трошоци. Оние што ни ги бројат црешите и кафињата и тврдат дека добро се живее со 350 евра повторно покажаа колку се одлепени од суровата реалност на сиромаштијата“напиша Мојсоска на социјалната мрежа Фејсбук.

И лидерот на Левица, Димитар Апасиев, на својот фејсбук-профил напиша дека пратениците од власта не го изгласаа предлог-законот за намалување на патните трошоци на пратениците.

„Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите“,вели тој.

Пратеничката Даниела Белимова од движењето ЗНАМ денеска изјави дека нивниот став во врска со предложените измени на Законот за пратеници, а кои се однесуваат на патните трошоци останува принципиелен, како и дека ќе ги игнорираат сите предлози дојдени од Левица, чија единствена цел, како што рече, е популизам и креирање театар.

„Пратениците од движењето ЗНАМ – за наша Македонија ниту досега наплаќале ниту во иднина ќе наплаќаат патни трошоци. Само еден колега од пратеничката група за седум месеци има приближно добиено 30 илјади денари по сите основи, гориво, патарини и амортизација, што претставува помалку од реално направените трошоци за превоз од и до Собранието“,рече таа.

Според предлогот на Левица, патните трошоци треба да се пресметуваат спрема пазарната цена на 6,5 литри на секои изминати 100 километри. Останува во сила актуелниот Закон кој предвидува надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар.

Минатата година за патни трошоци на пратениците се потрошени 300 илјади евра, велат од Левица

Back to top button
Close