Не протече изборен датум низ каналот за комуникација

Утре, на 30- ти мај завршува третата вонредна состојба. Дали Владата ќе бара ново продолжување, ќе се знае по седницата на Советот на безбедност што утре ќе се одржи кај претседателот на државата Стево Пендаровски. Премиерот Оливер Спасовски не потврди, но и не исклучи таква можност.

„Ако побараме продолжување на вонредната состојба, тоа ќе биде исклучително за донесување на преостанатите мерки за справување со последиците од корона-кризата“, најави Спасовски пред три дена.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред два дена потенцираше дека и партиите треба да бидат консултирани за вонредната состојба. До 30-ти мај се очекуваше лидерите на парламентарните партии да постигнат договор околу датумот на кој би се одржале предвремените парламентарни избори, со оглед дека опозициски партии, меѓу кои и најголемата, ВМРО-ДПМНЕ, не се согласуваа изборите да се одржат во јуни, До денес нема информација дека е постигната некаква согласност, и покрај тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потврди дека „има  канал за комуникација со партиите за изборниот датум”.

Nord-Mazedonien Skopje | Treffen der Parteiführer bei dem Präsidenten Stevo Pendarovski (Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien)

Да зависи од бројката на новозаразени

Практично, ако партиите не се договорат денес или утре, а Пендаровски не ја продолжи вонредната состојба, привремено прекинатите изборни дејства ќе продолжат да течат и по сила на тие рокови изборите ќе треба да се одржат на 21-ви јуни. Според уставни експерти, доколку партиите се договорат за друг датум, тоа може да се реализира со акт од претседателот на Собранието, односно со измена на неговиот претходен акт за распишување на изборите, при што терминот „12-април” ќе се замени со новиот договорен датум.

Во однос на заложбата изборите да се одржат во „првиот поволен термин“, во политичките кулоари досега се вртеа повеќе датуми: 5-ти јули, 12-ти јули, 15-ти јули, но до денес нема информации дека е постигнат договор. Mеѓународниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, во гостување на ТВ „Аласат-М“ изјави дека не се создадени услови за избори, бидејќи се уште има висок број на новозаразени, но и на починати лица.

„Олабавувањето на мерките не треба да служат како изговор за одење на парламентарни избори, да не кажам утре. Практично, ние за три четири дена треба да ја започнеме кампањата. И реално, кога ќе ги прашаме граѓаните, сите анкети кажуваат дека 75% од нашите граѓани велат дека не треба да има брзи избори. Доколку ние успееме да постигнеме консензус за нешто што кај граѓаните, условно ќе се толкува како брзо, ние тие 75% треба да ги убедиме дека сме создале соодветни протоколи за да има поголема излезност”, рече Муцунски.

Некои медиуми, повикувајќи се на партиски извори, пренесуваат дека од ВМРО-ДПМНЕ предложиле на избори да се оди 15 дена откако бројките за новозаразени лица ќе  бидат под 10 во континуитет од 14 дена, но и дека бојкотот на изборите како опција останува, доколку СДСМ остане на ставот дека треба да се организираат брзи избори.

Бојкот мора да се избегне

„Бојкот од една или друга страна, непризнавање на резултатите, се сценарија кои мора по секоја цена да се избегнат. Посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија“. Ова, како што пренесе МИА, бил ставот на високи функционери од Европската комисија. Според нив, „разумно е да се размислува за избори оти не може вечно да има техничка влада, но изборите треба да се одржат доколку се исполнуваат условите”.

До средината на јуни се очекува Европската Комисија да ја објави преговарачката рамка за земјава, што значи дека тој процес земјава ќе го дочека и води со техничка, а не политика влада. На овој аспект се осврна и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на ТВ „Алсат-М“.

„Еврокомесарот Оливер Вархеји веќе најави дека до 15-ти јуни ќе ја добиеме преговарачката рамка за отпочнување на преговорите и ќе треба да се закаже првата меѓувладина седница. Лошо е, а не знам ни дали е воопшто возможно целиот овој процес да го води техничка Влада и без активно Собрание. Ова мора да го имаме предвид, бидејќи ние немаме луксуз уште долго време да седиме без Собрание“, рече Манчевски.

извор: ДВ

Back to top button
Close