Нечиста крв и нечиста совест

Испирањето на крвта и испирањето на здравиот разум се подеднакво ризични: првото – за личното, второто – за општественото здравје. Пишува Катерина Блажевска

    

 

Премногу доцни „брзата реакција“ на надлежните во утврдувањето на фактите за начинот на кој се постапувало во „Клиничка болница Жан Митрев“, изнесени во документарниот филм „Нечиста крв“ на ИРЛ.

Владата вчера побара од Агенција за лекови и медициски средства МАЛМЕД да направи инспекциски надзор во однос на спроведувањето на клинички испитувања за примената на хемофилтрацијата при третман на Ковид-19 пациенти. Дури и да не биле правени клинички испитувања со хемофилтрација (без одобрение и без информирање на пациентите и нивните семејства), самата употреба на овој метод макар и врз еден Ковид-19 пациент, одамна требaше да го вклучи алармот на надлежните. Од само една причина: не постои експертско мислење или препорака од релевантни институции дека хемофилтрацијата е соодветен и ефикасен метод за лекување на пациенти со Ковид-19.

Првата „вест“ дека во „Клиничка болница Жан Митрев“ е излекуван ковид-пациент со хемофилтрација, датира од 12-ти јуни 2020 година. Сѐ уште може да се најде видеото во кое Жан Митрев самиот изјавува дека „таа метода ја работат 8 години“, но дека со ковид-инфекција немале искуство. Методот го објаснува како континуирано испирање на крвта со специјален филтер, кој ги отстранува сите инфективни медијатори, кои се создаваат од која било инфекција во крвта.

Иако и самиот изјави дека „не може да кажат дека тоа е решението за пациентите со Ковид“, сепак даде отворена препорака за таква терапија. Оттогаш поминаа повеќе од две (2) години, и не се знае колку пациенти маката ги натерала да побараат „спас“ во тoj метод. Додека фокусот на нестручната јавност во целиот тој период беше насочен исклучиво кон енормно високите цени за услугата, стручната јавност комплетно затаи, исто како и институциите кои не покажаа елементарен интерес за начинот на кој таму се лекуваат пациентите, а уште помалку дали истите се и предмет на неодобрени клинички испитувања.

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina BlazevskaКатерина Блажевска

Јавен став во тој период дојде само од Клиничката болница „Аџибадем Систина“, од каде соопштија дека во светски рамки не постоел препорачан концепт на лекување на пациентите со Ковид-19 кој го вклучува методот на хемофилтрација. По темелни истражувања на темата тие нe наишле на ниедно експертско мислење или доказ дека тој метод е медицински докажан и оправдан. Побарале стручно мислење од Клиниката за инфективни болести и добиле одговор дека се работи за третман кој нема никаква научна подлога во лекувањето на Ковид-19. Се обратиле и до Министерството за здравство, но оттаму не добиле никаков одговор (!?)

„Одлучуваме да не понудиме неодобрен и непроверен начин на лекување за нашите пациенти. Доколку овој вид на третман е докажан лек за пациентите со Ковид-19, веруваме дека светот немаше да се соочува со десетици илјади жртви секојднeвно“, наведоа од приватната клиниката.

Но, ни ова не го вклучи алрмот, бидејќи како и сѐ досега во „македонцките работи“ (па дури и кога се работи за здравјето), ова беше сведено на приказни за „конкуренција меѓу приватните клиники“, со редовните примеси на „бизнис и политичка заднина“.

По две години, Владата вели дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат во целиот тој период вршел контроли. Завчера ДЗСИ доставил извештај за редовните и вонредни инспекциски надзори во приватните болници од 2019 до јули 2022 година, во кој биле направени 45 редовни и 52 вонредни инспекциски надзори во вкупно 12 приватни болници, и издадени 11 решенија за констатирани недостатоци. Што е резултатот од тоа? Очигледно само извештај на хартија, ако досега не произвел никакво дејство.

Фактот дека вчера е формирана Комисија за вршење на стручен надзор во врска со примената на методот на хемофилтрација во „Клиничка болница Жан Митрев“, само потврдува дека институциите досега не ја вршеле работата за која се надлежни и платени. Во целата приказана не е видлива улогата на Лекарската Комора, ниту на Етичката комисија, кои имаат и имале работа во врска со овој случај.

Особено, што во изминатите две години семејства се жалеа дека нивни блиски наводно не биле примани во болницата, пред да уплатат авансни гаранции. Немало разбирање ни за фактот ако тој ден бил неработен и не можеле да ја извадат од банка сумата која им била однапред барана.

Клучот е во рацете на Обвинителството, кое треба темелно да ја прочешла и спореди целата документација, а особено да ги провери шпекулациите дали голем број од пациентите кои биле примани заради одредени хируршки зафати, по правило веднаш потоа „излегувале позитивни и на Ковид“ што ја автоматски ја ставало во игра опцијата за хемофилтрација. Дали навистина биле позитивни (треба да постои соодветна документација), дали само бил најден начин како еден нестандарден метод да се претвори за машина за правење пари, или болницата ќе докаже, како што сега тврди, дека ништо од наводите досега не е точно.

Ова е важно, бидејќи и довербата во здравствениот систем е половина „лек“. Во време на економска и ковид криза – да се остават луѓето да плаќаат тешки суми за нешто што не е медицински докажано и оправдано – не говори за приврзаност ни кон струката, ни кон надлежностите, ни кон етичките аспекти на професијата, ниту за луѓе кои дале Хипократова заклетва. Може да сведочи за врвна хипокризија, а со нечинење и недејствување – и за овозможување профитерство и можеби соучество во него.

Метод за филтрација на нечистата совест досега не е измислен. Затоа постојат казни.

извор: ДВ

Back to top button
Close