Недела или среда

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

Е веќе сѐ во оваа држава мора да биде драма. Сите избори мора да се историски. Па ќе го молиме Христијан Мицкоски малку да заборави на грижата за заштита на здравјето на граѓаните и да прифати некаков датум за избори. Па Али Ахмети пак ќе ни продава националистички романтики. Па денес не може, утре ќе видиме, па задутре да се договориме, па канали за комуникација ќе копаме… Па 5 јули ќе било, па 8 јули ќе било, па за 12 јули да се испазариме, па недела ќе се гласало, ама и во среда ако може да се гласа….

Абе не премиер Албанец. Нам премиер ни треба. Ние премиер немаме. Ние Влада немаме. Ние Собрание немаме. Имаме собир на некои политичари што се нарекуваат техничка влада, во која претставниците на ВМРО-ДПМНЕ прават саботажа, а досегашните владини коалициони партнери СДСМ и ДУИ си прават сопки едни на други, оти на изборите ќе си бидат конкуренција. Те Наќе Чулев не ги казнува граѓаните оти биле депримирани, те заменик министерката Гордана Димитриевска Кочовска не потпишува кредит од Светска банка за да нема пари ни за граѓаните, ни за фирмите, ни за јавното здравство, те на Бујар Османи лекарите му се криви оти умираат граѓаните што тој ги охрабри да си тераат верски адети…

Мора да има нешто многу нездраво во држава во која опозицијата е таа што бара продолжување на вонредна состојба. Нормално ли е опозиција да бара одлагање на избори на кои е сигурна дека ќе победи убедливо? А лидерот, кој сите го чекаат да ја спаси државата од овие црнила, се крие зад грижата за здравјето на граѓаните во затворена кафеана и теретана и подига пола скопска полиција за да ги уништи снимките од безбедносните камери.

Уште колку може да издржи оваа сиромашна држава без Собрание и без Влада. Уште колку може да издржат граѓаните без функционални државни институции? Кај нас тие не функционираат како што треба и кога се знае кој е одговорен, а не пак сега, кога на администрацијата баш ѝ е гајле бидејќи нема ни кој да ја организира. Медиокритетските директори напикани по партиска линија не се кадарни за функцијата ни во нормална ситуација, а не пак сега кога нема ни кој да им свика.

Вака уште долго нема да издржиме. Многу поголеми и побогати држави со стабилни институции кризираа. А ние дебатираме дали оваа среда или другиот петок ќе одиме на избори оти не било безбедно за здравјето. Па да подебатираме уште малку и ќе дојдеме до дереџе да нема кој ни набавка на лекови да потпише. А нема да има ни пари за набавка. И – што е најважно, никој за тоа нема ни да биде одговорен.

Целата колумна на СДК на следниот линк.

Back to top button
Close