Нефи Усеини градеше без дозвола и црпеше песок од езеро, а сега е член на Комисија за заштита на животната средина

Контроверзниот советник од ДУИ во Советот на Општина Охрид, Нефи Усеини, кој без никаква документација и еколошка дозвола, спротивно на законот изгради бетонска база на брегот на Охридското Езеро, сега е член на Комисијата за заштита на животната средина во општината, како што е наведено на нејзината веб-страница.

лучајот со бетонската база, за којшто реагираа еколошките здруженија, беше актуелен пред неколку години, а дивата сепарација на советникот Усеини беше наведена и како еден од аргументите за одземање на заштитниот статус на Охрид и околината во УНЕСКО.

По жестоките реакции во јавноста, објектот на Усеини беше урнат во јули 2020 година.

Нефи Усеини беше во фокусот на јавноста и кога во август таа година охриѓанецот Спиро Топаловски го обвини советникот и неговиот брат Ибро дека го претепале, како и дека му впериле пиштол во главата на неговиот 14-годишен син. Полицијата поднесе кривични пријави, Обвинителството отвори предмет, а Усеини и неговиот брат тогаш избегаа и не беа достапни за органите на прогонот. Топаловски подоцна ја смени изјавата и случајот се заташка.

Усеини беше носител на листата на ДУИ на локалните избори во ноември и беше повторно избран за советник, а сега преку членството во општинското работно тело ќе има можност да ја заштитува животната средина.

Back to top button
Close