Неизбежно ќе бидеме во владата и гарант на правата на Албанците, порачаа од коалицијата „Вреди“ од Тетово

Лидерите на опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Вреди“ од вечерашаниот завршен митинг во Тетово пред двојните избори в среда порачаа дека очекуваат поддршка за промена на досегашната власт.

Претседателот на Движењето Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Билал Касами, во своето обраќање рече дека на 8 мај власта ќе биде казнета поради лошото раководење на државата.

Тој ги повика граѓаните да не се плашат од, како што рече, полицијата на ДУИ, нивните министри и функционери, бидејќи на 9 мај сите ќе одговараат.

„Казнувањето на власта што лошо управуваше е наша должност. Затоа сакам да испратам порака до сите службеници во администрацијата и оние што досега им служеа на Албанците со чесност, на 8 мај, излезете и гласајте за промената што ‘вреди’. Не се плашете од заканите на полицијата на ДУИ, од нивните министри и функционери, бидејќи на 9 мај за сите тие закани ќе одговараат, ќе одговараат и за нивните антиграѓански и антиправни дејства. Ние заедно со одлучност ја направивме промената во општините, а на 8 мај ќе ја направиме и на централно ниво. Иднината ѝ припаѓа на коалицијата ‘Вреди’. Коалицијата ‘Вреди’ ќе биде неизбежно во владата, како гарант за правата и напредокот на Албанците“,рече Касами, пренесува МИА.

Арбен Таравари, кој беше претседателски кандидат на опозициските партии на Албанците, но не влезе во вториот круг, вети повеќе работа како дел од централната власт.

„Ако ме прашате дали сме уморни, признавам, да, малку. Ве изморивме и вас реално, со дозвола или без дозвола сме тропнале на секоја врата, но вашето добредојде беше невообичаено. Ќе ветам јавно, дека кога ќе ја правиме владата набрзо, ќе трчаме уште посилно, нема да седиме во фотелјите, туку ќе работиме за вас, што ни ги отворивте вратите кога дојдовме без да тропнеме. Јас имав понуда од Али Ахмети, но ја одбив и јас избрав да бидам со вас и горд сум што го направив овој избор“,рече Таравари.

„Јас ги слушав вашите молби, затоа им пружив рака на Билал, Таравари, Изет. Кога ние се обединивме, нема никакво оправдување да не одиме напред“кажа Гаши.

Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во своето обраќање рече дека нема ниту една победа без печатот на дијаспората.

„Вечерва од овде ќе го прашам Али Ахмети дали си се запрашал некогаш себеси, зошто ја напуштија твојата партија најдобрите луѓе, најдобри соработници, најлојалните, и те оставија сам со Артан (Груби) и неговите деструктивни идеи? Дали си се запрашал некогаш што се случи со ДУИ? Таа партија беше еманципирана и прогресивна, која сите ние ја изградивме“,рече Меџити.

Кандидатот за пратеник Беким Ќоку порача дека дошол денот Али Ахмети да оди во опозиција, затоа што е дојден крајот на трпението на граѓаните.

Back to top button
Close