Неказнивоста нè казнува
Почитувани читатели, во денешната колумна посветена на стечајот на Еуростандард банка ќе пишувам за мојата упорност и непоколебливост во потрага за вистината и во име на правдата.
Деновиве, за жал тагата нѐ обедини. Сведоци сме дека граѓанската свест, полека но сигурно се буди. Граѓаните со сета своја хуманост, но и голем револт, застанаа зад несреќното семејство давајќи им поддршка во најтешките моменти. Секој нормален човек би изреагирал со вакви емоции осудувајќи го чинот на убиството на младата Фросина полна љубов кон животот.
Јавноста е сведок дека Булеварот ,,Партизански одреди” е црната дупка за многу сообраќајни несреќи направени во минатото. Јавноста знае дека тој булевар е авионска писта за недоветни зад волан, умислени дека се возачи на формула.
Секојдневно низ булеварот поминуваат илјадници возила и пешаци на пешачките премини.. Никогаш не ми биле јасни дали навистина толку брзаат или не поднесуваат правила и закони. Долж булеварот се наоѓаат најголемите молови, пазаришта, факултети, кафитерии и сендвичари… Булеварот Партизански одреди наликува на кардиоваскуларен систем, има свои правила за одржување. Ако ние луѓето не ги почитуваме правилата казната нѐ стасува. За жал, овој пат, неказнивоста нѐ казни сите. Од кобната вечер кога трагично загина дете Ангел, сите ние сме Фросина.
Неказнивоста е нашата сурова, системска реалност, наша казна за ноншалантното однесување кон законите, свесни дека сѐ може да се купи и поткупи. Институциите кои што се со закон обврзани да го штитат секој поединец, за жал потфрлуваат.
Нас не ни е потребна сообраќајна полиција која ќе нѐ лови по автопатишта за пречекорување на брзината. Не ни треба само полиција која ќе нѐ начекува зад некој агол во урбаните средини за да провери алкохол во крв. Ни треба многу повеќе сообраќајна будност, предистрожност и одговорност.
Детална анализа за овој булевар мора под итно да се направи од страна на МВР. За Фросина е доцна, но нејзините родители наоѓаат утеха во поттикнувањето системска свест и казнивост за да не се повтори. Системот мора да гарантира безбедноста на граѓаните!
Другото будење на моите сограѓани е во одлуката да се бојкотираат сите маркети низ Македонија. Не се дивее само по улиците, туку и по продавниците со цените. Дивеењето со цените низ нашите маркети е исто така наша прифатена реалност. За прв пат ние клиентите одлучивме да се побуниме против неосновано и рапидно покачување на цените и различни цени на исти производи во различни маркети. Па кој има време и можност цел ден да се занимава каде е поевтино да се купи? Граѓаните бараат ред и чесност, ништо повеќе!
Силно ги подржувам манифестациите и протестите кои што инсистираат на чесност и праведност.
Актуелната Влада отвори вистински фронт во ресетирањето на нашето судство и обвинителство.
Кај граѓаните кои сѐ уште се политички неопределени има сериозна дилема. Во досегашната пракса на самостојна Македонија, сите политички партии кои што освојуваа власт го ставаа под сопствена контрола целото судство и обвинителство. Тоа беше услов да си ги бранат партиските интереси на поединци и групи, додека ние граѓаните бевме ставани на маргини, каде што законот и правдата се мисловна именка.
Дали со вакво ресетирање, правото ќе завладее само за партиите на власт или конечно правото и правдата ќе завладеат за сите нас, граѓаните на Република Македонија?
Цели 4,5 години пишувам колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка. Неуморен сум и упорен. За многумина од вас можеби и здодевен. Но се борам против корупцијата и за општо добро. Со факти укажувам дека учесници и соучесници за ликвидацијата на Еуростандард банка се Народна банка, Техничката Влада на Оливер Спасовски во 2020 година, Собранието предводено од бившата Влада на Република Македонија и целото судство и овбинителство.
Претпоставувам дека сум единствениот човек во историјата на Македонија кој што изгубил банка и неуморно си ја бара правдата. До ден денешен ја нема. Што е уште пострашно, сѐ повеќе се соочуваме со многу неправди и малигност на корупцијата. Правдата ја нема за мене и моето семејство. Поради нашата чесност, како бивши акционери и лојални граѓани на нашата држава, казнети сме за да бидеме замолчени.
Сум кажал илјада пати до сега, мито никогаш не сум платил и нема да платам. Има илјадници примери каде што многу попроблематични случаи во Македонија биле решени, ама на коруптивен начин и со поткуп.
За ваков случај ќе ги споменам како пример двата објекти кои своевремено беа прогласени за дивоградби. Тоа е Хотел ,,Парк” покрај Вардар до Градскиот стадион и ,,Кермес” во централниот дел на Градскиот парк.
Далеку попроблематичниот градежен објект Хотел ,,Парк” денес функционира и работи, ама објектот Кермес, оти е мој, веќе 19 година лежи зјае како авет. Легално имаше градежна дозвола со платени комуналии, но неговата градба беше стопирана. Врховниот суд донесе пресуда во корист на ,,Кермес” да му се врати маркицата. За жал истекува и мандатот на четвртиот по ред Градоначалник на Општина Центар кој оваа маркица не ни ја враќа. Јавноста мора да знае дека маркицата е симбол на „тапија” сопственост.
Како може да сум сопственик на објект кога законски плацот не е мој?
Жално е што вакви работи се случуваат само во Македонија.
Како поединец не успеав да се вклопам во криминогеното поимање на функционалност на државата. Не разбрав дека за секоја услуга која согласно законот треба да ја добиеш, мора да доплатиш не на системот , туку на поединецот.
Се надевам и го молам Господ дека оваа Влада навистина ќе ја врати правдата во нашето секојдневие. Се надевам дека дефинитивно институциите на прогонот ќе почнат да работат по системот на допрен глас. Речиси пет години нудам факти пред вас граѓаните и пред органите на прогон, дека е направена неправда. Кому му е направена неправда? Ако сум само јас, во ред. Меѓутоа, со овие неправди се казнуваат и граѓаните на Република Македонија. Ќе ви кажам и зошто, само со два примера.
,,Кермес” денес ќе беше бисер во централниот дел на паркот, а не авет. Кој губи? Губат граѓаните на град Скопје и цела Македонија. ,,Кермес” ќе беше објект направен по високи стандарди, многу сличен на палатата Лихтенштајн во Виена. Денес имаме руина. Кој губи?
Вториот пример е со Негорски бањи. Со одењето на Еуростандард банка во стечај, проектот кој што требаше да се отпочне во Негорски бањи за реконструкција на Физиотерапевтскиот оддел, (денес е само 600 м2, со вклучени базени во него) требаше четирикратно да се зголеми со вкупно 2.400м2 физиотерапевтски дел со надворешни и внатрешни базени.
Предвидена беше најмодерна физиотерапевстка апаратура. Ве прашувам кој изгуби? Да, директно ние како семејство изгубивме финасиски, меѓутоа најмногу изгубија граѓаните и гостите во бањата кои ја посетуваа изминатите 4 години.
Тоа се повеќе од стотици илјади наши сограѓани кои наместо да бидат третирани и лекувани на најсовремен начин, индиректно останаа казнети од нефункционалноста на судскиот систем. Кој губи? Секогаш и најмногу граѓаните.
Праведен крај мора да има. Во име на правдата и против корупцијата неуморно продолжувам до последен здив. Виновниците за овој стечај мора да бидат изнесени пред законот. Неказнивоста е нашата најголема казна за која што страдаат невини.
Трифун Костовски