Неопходна е проверка на статиката и конструкцијата на зградата во Чаир пред враќање на станарите, вели деканот на Градежниот факултет

Пред станарите воопшто да се вратат во становите во опожарената зграда во Чаир, неопходно е да се направи сериозна анализа на статиката и конструктивните елементи на објектот, вели во изјава за МИА професорот и декан на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски.

Зградата во Чаир во која избувна пожар / Фото: ЦУК

„Апсолутно мора да се провери статиката бидејќи се работи за сериозен пожар кој траеше многу долго. Мора да се направи сериозна анализа на конструктивните елементи на зградата и да се утврди квалитетот на бетонот и на арматурните делови“,вели професорот Марковски.

Пожарот во зградата на улица „Серава“ во скопски Чаир избувна ноќта помеѓу 1 и 2 октомври и беше активен повеќе од 30 часа. Целосно е изгаснат утринава околу 9:30 часот.

Од Центарот за управување со кризи вчера информираа дека за отежнато гасење на пожарот поради големата количина чад и високата температура во подрумите на зградата во кои била складирана поголема количина запаливи материјали. Поради тоа, интервенираше и специјално противпожарно возило на Армијата.

 

Во огнените јазици беа зафатени подрумските простории на објектот, а станарите беа евакуирани преку кровот на зградата со посебни скали на противпожарно возило. Поради вдишување на чад, лекарска помош побараа 40-ина лица, а дел од нив беа задржани на скопските клиники.

Back to top button
Close