Нетанјаху ги одобри плановите за воена операција во Рафа

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги одобри плановите за воена операција во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, јави ДПА, повикувајќи се на канцеларијата на Нетанјаху.

Покрај оперативното распоредување, војската се подготвува и за евакуација на цивилното население, се вели во соопштението лиферувано од Израелските одбранбени сили (ИДФ), по денешниот состанок на израелскиот воен кабинет.

Одлуката доаѓа во време на зголемени меѓународни критики за потенцијалната операција во Рафа, со оглед на тоа што повеќе од еден милион Палестинци се засолнија во јужниот град, бегајќи од борбите во другите делови на Газа.

Политичари и хуманитарни организации го повикуваат Израел да прецизира како и каде сите 1,5 милиони луѓе во Рафа ќе можат да се преселат на безбедно пред да започне воената операција.

Нетанјаху го повтори својот став дека предлогот на радикалната палестинска група Хамас за примирје во Газа е „нереален“, бидејќи барањата на оваа група „се уште се апсурдни“.

Во исто време, израелска делегација отпатува во Доха по дебатата во кабинетот за безбедност во врска со позицијата на Израел.

Катар игра водечка улога во преговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во замена за палестински затвореници.

Групата Хамас вчера соопшти дека дала нов предлог со кој се бара прекин на борбите во Газа, испорака на помош за населението и ослободување на заложниците од Израел во замена за ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори. Сепак, Хамас и натаму инсистира на повлекување на израелските војници од крајбрежната енклава, што Израел одбива да го стори.

Арапскиот телевизиски канал Ал Џезира денеска објави дека Хамас претставил предлог од три фази, од кои секоја трае 42 дена. Хамас постави услов да стапи во сила траен прекин на огнот во втората фаза од планот, пред ослободувањето на израелските војници. За секој израелски војник се предлага да бидат ослободени 50 палестински затвореници, од кои 30 осудени на доживотен затвор.

Back to top button
Close