Нетанјаху: Офанзивата во Рафа може да се одложи доколку се постигне договор за прекин на огнот

Израелската воена офанзива врз јужниот палестински град Рафа може да биде „донекаде одложена“ доколку се постигне договор за повеќенеделен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека апсолутна победа над Хамас би можела да се постигне неколку недели по почетокот на офанзивата.

Нетанјаху за Си-Би-Ес синоќа потврди дека разговорите за еднонеделниот прекин на огнот и ослободувањето на заложниците се во тек, без да даде дополнителни детали.

Разговорите за привремено примирје продолжија и влера на ниво на специјални претставници на сите заинтересирани страни, јави египетската државна телевизија Ал Каиро, цитирајќи египетски функционер кој кажа дека разговорите ќе продолжат во Каиро.

Во постигнувањето на договорот учествуваат Египет, Катар и САД, а присутни се и претставници на Израел.

Американските медиуми пренесоа дека Нетанјаху деновиве изјави дека ќе му предложи на воениот кабинет да ги одобри оперативните планови, што вклучуваат евакуација на палестинските цивили од Рафа на друга локација во Појасот Газа.

„Кога ќе започне операцијата, интензивната фаза на борбите ќе трае со недели, а не со месеци. И ако немаме договор, сигурно ќе го сториме тоа“, изјави тој за Си-Би-Ес, нагласувајќи дека преостанатите шест баталјони на Хамас се концентрирани во Рафа.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, за Ен-Би-Си изјави дека претседателот Бајден не бил информиран за плановите за Рафа.

„Сметаме дека оваа операција не треба да почне се додека или ако не видиме план за заштита на цивилите“, рече Саливан.

Back to top button
Close