Невреме на Кипар – еден повреден од гром, пренасочени летови, поплави и материјална штета

Еден повреден од удар на гром, поплавени улици, пренасочени 11 летови, прекини во снабдувањето со електрична енергија, но и материјална штета остави зад себе невремето што денеска зафати делови на Кипар, а температурата се намали за 10 степени споредбено со вчера, јави дописничката на МИА од Атина.
Според кипарските медиуми, по удар од гром во село во близина на Ларнака, бил повреден 45-годишен маж од Шри Ланка, кој со изгореници бил пренесен во болница и е во добра здравствена состојба.
Од удари на гром во некои делови била оштетена и електричната мрежа, што резултирало со прекини во снабдување со електрична енергија.
Во Каво Греко, познатиот ’рт на југоисточниот брег на Кипар, во близина на приморскиот град Аја Напа, бил целосно уништен туристички чамец, а единствениот патник бил спасен, како што објави порталот за временска прогноза „Kitas Weather“, додека пак според кипарските медиуми, во тек е акција за спасување и безбедно пренесување на копно на патници од уште два чамци.

Поради невремето, вкупно 11 летови, еден до аеродромот во Пафос и десет кон Ларнака биле пренасочени, а проблеми и доцнења имало и во полетувањата од двата кипарски аеродроми.
Силниот дожд и ветар нанеле материјална штета во делови од земјата, како и проблеми на патната инфраструктура со поплавени улици.
Преку официјалниот систем на цивилната заштита за предупредување на населението CY-Alert, до граѓаните низ целата земја беше испратена порака со која беа информирани за невремето и зголемената опасност од поплави.
– Избегнете ги непотребните движења и за ваша безбедност останете дома. Информирајте се и следете ги упатствата на надлежните органи, пишуваше во пораката.

Од метеоролошката служба за кипарската новинска агенција ЦНА посочиле дека невремето со силни грмотевици, град и силни ветрови се очекува да продолжи до попладневните часови, но и дека постои можност за појава на торнада.
Торнадо во морето беше забележано претпладнето во близина на градот Ларнака, според видеото објавено на социјалните мрежи.






