Невролозите укажуваат на „облак“ во меморијата и автоимуни болести како последица на Омикрон

Најчестите компликации се автоимуните болести – од воспаление на мозокот до мултиплекс склероза. Како пост-ковид симптоми се јавуваат и вртоглавици, главоболки и проблеми со меморијата

    

 

Повеќе од две години живееме со ковид-пандемијата, која уште од почетокот се закануваше со разорни последици по здравјето на луѓето. Првите соеви Алфа и Делта предизвикаа бројни невролошки компликации кај заразените, најчесто рефлектирајќи се со губење на чувството на мирис и вкус, што не е случај и кај поновиот сој Омикрон.

„Омикрон е со послаба клиничка слика од претходните соеви, но тоа не значи дека не може да предизвика невролошки симптоми кај пациентите“, вели за ДВ директорот на Клиниката за неврологија, проф. Д-р Иван Барбов.

Од појавата на вирусот до сега веќе е јасно дека станува збор за мултисистемска болест, која што не ги напаѓа само белите дробови и срцето, туку остава последици и врз бубрезите, црниот дроб, мозокот…Барбов посочува дека во периодот кога беа доминантни Алфа и Делта сојот имало зголемен број на мозочни удари, како резултат на зголемена коагулација и зголемени Д-димери кои се движеле од 5.000 до 10 илјади. Ваквите вредности укажуваат на можност за формирање тромбови, поради што на пациентите им се препорачуваше антикоагулантна терапија.

„Кај Омикрон вакви симптоми нема, но вирусот знае да предизвика автоимуни болести“, вели доктор Барбов.

Автоимуната болест значи дека се создаваат антитела кои ги напаѓаат сопствените клетки. Тие антитела можат да ги нападнат нервните завршетоци или клетките во мозокот.

Влошување на состојбата или нови заболувања

Колку е потешка клиничката состојба кај заразените, толку се поголеми и пост-ковид компликациите коишто се појавуваат по прележувањето на болеста. Најчестите компликации се автоимуните болести – од воспаление на мозокот до мултиплекс склероза. Како пост-ковид симптоми се јавуваат и вртоглавици, главоболки и проблеми со меморијата.

Вирусот може ја влоши состојбата кај веќе постоечките автоимуни болести, или пак да доведе до нови автоимуни заболувања. Проблеми може да имаат и постарите, но и помладите пациенти. Кај помладите лица ковидот може да го нападне автономниот нервен систем и да предизвика тахикардии, аритмии и во ретки случаи престанок на работата на срцето.

Случаите со пост-ковид компликации траат по неколку месеци, па се до една година. Најчесто пациентите кои што имаат коморбидитети, имаат и полош исход при лекувањето на вирусот.

Пациентите коишто се соочиле со вакви проблеми, треба да се обратат кај матичниот лекар, кој треба да направи проценка дали треба да бидат прегледани од лекар специјалист.  На клиника завршуваат оние пациенти на кои што им е неопходно болничко лекување. За разлика од првиот бран на вирусот, сега ваквите случаи најчесто се третираат амбулантски.

Symbolbild Corona-VirusВирусот може ја влоши состојбата кај веќе постоечките автоимуни болести, или пак да доведе до нови автоимуни заболувања.

„Облак“ во меморијата 

Дел од пациентите што го прележале Ковид-19 се жалат на изнемоштеност, задишаност, отежнато дишење и неможност за извршување потешки физички активности. Кај многумина има појава и на таканаречена „мозочна магла“, проблем за кој многу малку се знае, но се рефлектира како целосна исцрпеност на телото, губење на меморијата и на волјата.

Вакви случаи има често во текот на пандемијата, иако кај секој пациент симптомите се појавуваат во различно време, но и различен е периодот на нивното траење.

„Мозочната магла обично се јавува кај повозрасните пациенти, но и кај оние во средната возраст коишто имале проблеми со помнењето. На магнетна резонанца на главата, кај некои од пациентите се забележува како „облак“ на мозочното ткиво. Ова „наоблачување“ е проследено со когнитивни пореметувања – слабо помнење, луѓето се менуваат и во однесувањето и во однос на помнењето“, вели Барбов.

Многу од пациентите имаат чувство дека веќе не функционираат како порано и дека имаат чести прекини на менталните активности. Покрај проблемите со концентрацијата, нарушувањата во пронаоѓањето зборови и заборавот, може да се појават и други симптоми како општа ментална исцрпеност. Овие симптоми не ги погодуваат само постарите лица.

На почетокот, укажува докторот, се препорачувало вакцинирање на граѓаните, особено со бустер доза со цел да се избегнат невролошки компликации, но во изминатиов период имунизацијата не го дала очекуваните резултати во однос на овој проблем.

Медицинските експерти ги советуваат оние кои страдаат од „мозочна магла“ да бидат што е можно поактивни и свесни и да ги слушаат сигналите на своето тело. Здравата исхрана, вежбањето и добар сон се важни. Друга препорака е да се пие малку или воопшто да не се пие алкохол, бидејќи оваа супстанца може да влијае на функцијата на мозокот и способноста за размислување.

извор: ДВ

Back to top button
Close