Ни збор за измените во КЗ на денешното рочиште за „Титаник“
Иако се очекуваше да биде своевиден лакмус за влијанието што ќе го имаат на високпрофилните случаи, новите измени на Кривичниот закон воопшто не беа споменати на денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Титаник“.
Кутиите со доказите за предметот „Титаник“ на поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) / Фото: Архива
Обвинетите во овој случај, кој беше прв што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, освен за други се гонат и за кривичното дело злосторничко здружение, за кое со измени на КЗ затворските казни беа намалени. Поради ова, „Титаник“, во кој првообвинет е експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Будимпешта, Никола Груевски, се најде на списокот на случаи на кои им се заканува застарување во однос на ова кривично дело.
На денешното рочиште не се слушна ниту збор за измените во Кривичниот законик, иако вакво нешто очекуваа новинарите кои беа присутни на денешното рочиште за „Титаник“ во Основниот кривичен суд Скопје.
Немаше произнесување од застапникот на обвинението, обвинителката на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата (ОЈО ГОКК), Лиле Стефанова, во врска со кривичното дело злосторничко здружување ниту, пак, такво нешто беше побарано од одбраната на обвинетите.
Наместо тоа, главната расправа продолжи со распит на сведоци во врска со донациите за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Најголем дел од нив останаа на исказите дадени на претходните рочиште, имајќи предвид дека предметот се суди по вторпат. Само двајца кажаа дека не се сеќаваат на дел од нивните претходни изјави.
Обвинителката Лиле Стефанова на паузата од денешното рочиште, на барање на новинарите, објасни дека не се произнела во врска кривичното дело злосторничко здружување и најави дека тоа ќе го направи во завршните зборови. Повлекувањето на ова кривично дело во оваа фаза, според Стефанова, нема влијание на судскиот процес и трошоците за постапката.
Судскиот процес за „Титаник“ продолжува да се одвива по вообичаениот тек бидејќи, освен за злосторничко здружување, обвинетите се товарат и за кривични дела поврзани со изборни нерегуларности.
На пример, првообвинетиот експремиер Никола Груевски, освен за злосторничко здружување, дело за кое со измените на КЗ и намалувањето на казните ова кривично дело му застарува, тој, како и други обвинети, се гони и за делата – злоупотреба на средства за изборната кампања и повреда на избирачкото право.
Измените во КЗ носат застарување на дела во „Таргет-Тврдина“, „Титаник“, ТНТ, „Талир“, „Траекторија“, „Тендери“…
За кривичното дело не се произнесе ниту судот.
„Судот по службена должност не може да одлучи за повлекување на кривичното дело злосторничко здружување среде постапка, доколку обвинителство тоа не го побара“,објасни Стефанова за новинарите.
Ниту одбраната не побара повлекување на кривичното дело злосторничко здружение
Глас, во смисла на барање за повлекување на ова кривично дело што им се става на товар на обвинетите, не се слушна ниту од нивните бранители.
…