Николоски: Ќе се гради и патот Букојчани – Кичево за целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид и Струга

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека покрај автопатските врски од Охрид до Кичево и од Тетово – Гостивар до Букојчани што се во фаза на градба, ќе се гради и патот од Букојчани до Кичево со што ќе се оствари целосно автопатско поврзување од Скопје до Охрид и Струга и кој претставува прв целосно нов автопат што го започнува оваа Влада.

-Успеавме со Европската банка за обнова и развој да обезбедиме доста поволен кредит. Проценетата вредност на овој автопат е околу 123 милиони евра. Она што особено ме радува е што успеавме да добиеме 20 милиони евра грант од банката што не е мала работа, се работи за околу 20 проценти од вкупната вредноста на автопатот. Во моментов има претквалификација, очекувам во текот на пролетта или летото да се избере изведувач и на крајот на 2028-та, почеток на 2029 година кога ќе заврши делницата Тетово – Гостивар – Букојчани ќе се заврши и делницата Кичево – Букојчани, а претходно веќе до крајот на следната година ќе е готова Кичево – Охрид, и на тој начин ќе имаме едно целосно поврзување. И ова е прв целосно нов автопат кој што го започнуваме како Влада, рече Николоски во гостувањето на Тема на денот на Сител телевизија.

Појасни дека целата делница Букојчани – Кичево со се спојката е во должина од 12,7 км, на која е предвидено изградба на повеќе мостови, вијадукти и тунел. Според него теренот е доста предизвикувачки и е вели, најтешкиот дел, кој што ќе биде инженерски најтешко да се совлада.

Во однос на железничкото поврзување од Коридорот 8, тој кажа дека на пругата кон Бугарија се заврши првата делница од 31 км од Куманово до Бељаковце, активно се работи на втората делница од 34 км од Бељаковце до влез на Крива Паланка и оти се надева дека за брзо време ќе почнат да ја работат и третата делница откако ќе биде постигнат договор со Бугарската Влада околу тунелот кој заеднички ќе се гради.

-Драго ми е што конечно дискусијата се сведе на техничко ниво, а не на политичко ниво. Јас доста отворено минатото лето излегов со проблемите кои што тој проект ги имаше и тоа беа чисто технички проблеми. За жал, тогаш Бугарија беше во предизборие и тоа политички се злоупотреби. Откако страстите се оладија сите сваќаат дека сме било во право. Трите работи за кои што зборувавме излегуваат дека се така – дека мора да имаме тунел кој што ќе спојува, а не кој ќе оди до пола, дека Бугарија мора да го изведе својот дел од пругата и да го реконструира делот кој што веќе постои, и трето ние мора да направиме ревизија на цената затоа што е невозможно толку скапа да е цената, вели министерот Николоски.

Тој не даде конкретен одговор на прашањето во однос на рокот кога може да се очекува дека ќе се договорат двете влади за тунелот кој што заеднички ќе се гради.

Бугарската Влада испрати еден текст во суштина тоа е во рамки на тоа што го разговараа на техничко ниво делегациите и во Софија и во Брисел. Ние формиравме комисија од наша страна – покрај мене тука е министерката за финансии, министерот за надворешни работи и деиректорот на Железница – инфраструктура. Очекуваме слично да се формира и од нивна страна, да поразговараме, да се договориме и да добиеме јасна заложба од бугарска страна дека навистина и тие се подоготвени да трошат пари. Затоа што не е поентата ние да имаме железничка линија од Скопје до Крива Паланка, таа и вака и така ќе ја имаме. Поентатата е да имаме железничка линија од Скопје до Софија и до Буграс и на тој начин Коридорот 8 на источната страна да добие смисла, вели Николоски.

Back to top button
Close