Низа непочитувања на правилата за заштита од Ковид-19 во Грција, навивачите на Олимпијакос без потребните мерки ја славеа титулата

Метеж, недржење дистанца и непочитување на превентивните мерки за заштита од Ковид-19 повторно се забележуваат во Грција во ноќни клубови, кафулиња, бродови, на атинскиот аеродром, но и за време на прославата на титулата на Олимпијакос од навивачите на фудбалскиот клуб кои се собраа пред стадионот, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките медиуми, повторно објавија видеа и фотографии од низа непочитувања на мерките, особено во кафулиња и ноќни клубови во различни делови на земјата.

Телевизијата „Мега“ објави фотографии од атинскиот аеродром, каде што во делот за чекирање на билетите не се одржува потребното растојание, додека, пак, телевизијата  „Скај“, преку фотографија од пристаниште од грчки остров, коментира дека патниците не држеле дистанца при влезот во бродот.

Фудбалскиот клуб Олимпијакос преку победата над АЕК вчера и официјално стана шампион во Грција, а додека натпреварот се одигруваше без публика, навивачите се собраа пред стадионот и ја славеа титулата. Прославата продолжи и низ улиците на Пиреас.

Во ниту еден момент, според објавените видеа и фотографии, никој од присутните не ги почитува мерките за заштита од Ковид-19, а во делот пред стадионот, каде што беше поставен видео бим, славењето почна пред крајот на натпреварот и кулминираше со пиротехнички материјали.

Идентична беше сликата и низ улиците на Пиреас, каде што фудбалерите од двокатен автобус ги поздравија насобраните навивачи.

Грчката Влада најави интензивирање на контролите и инспекциите, а од утре попладне заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас повторно ќе одржува прес конференции, овојпат еднаш седмично и во однос на оперативниот дел што се однесува на почитувањето на мерките.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close