Нова економија“: Нов бран Руси во Србија ги зголеми кириите за околу 30 отсто

Нов бран руски доселеници пристигна во Србија и веќе влијаеше врз пазарот на недвижности. Поради зголемената побарувачка, цените на кириите во последните два месеца пораснаа за околу 30 отсто. Агентите за недвижности велат дека главниот прилив допрва се очекува, поради што станува сè понеизвесно кој во поголемите градови ќе може да си дозволи стан што не е на периферијата, пишува „Нова економија“.

Летово низ Русија се проширија гласини за можен нов бран мобилизација. Иако рускиот претседател Владимир Путин таквите најави ги нарече „бесмислици“ и оцени дека во моментов нема потреба од регрутација, многу Руси од претпазливост сепак ја напуштаат земјата.

Андреј Стокиќ од агенцијата „Атико груп“, кој во Нови Сад главно работи со руски клиенти, потврдува дека новиот бран пристигнувања веќе се чувствува. – На пазарот нема доволно станови за побарувачката од руските државјани кои дојдоа во Србија – вели Стокиќ.

Тој објаснува дека новиот бран имиграција започнал пред околу два месеца и очекува да продолжи. – Мислам дека секој лет во наредниот период е однапред пополнет – додава тој.

Зголемената побарувачка веќе се одрази врз цените на кириите.

– Кириите во моментов се за околу 30 отсто повисоки отколку пред два месеца. На пример, становите што чинеле 1.000 евра сега се изнајмуваат за 1.300 евра, додека стан што чинел 400 евра сега може да достигне и 600 евра месечно – појаснува Стокиќ.

Дека притисокот врз белградскиот пазар повторно е голем, потврдува и агентот Никола Чобиќ од агенцијата „СитиЕксперт“. Сепак, тој забележува дека новите руски станари се однесуваат поинаку од оние кои пристигнувале во текот на првиот голем бран во 2022 година, пишува „Нова економија“.

– Доста се повнимателни, не брзаат и не изнајмуваат што било по која било цена – вели Чобиќ.

И организацијата за човекови права „Ковчег“ бележи драстичен пораст на прашањата од руски граѓани за можностите за иселување од земјата. Според добиените барања, Русите најмногу се интересираат за преселување во Ерменија и Грузија. Популарни дестинации се и Србија, Аргентина и други земји од Латинска Америка.

Првиот голем прилив на руски државјани во Србија беше забележан во 2022 година, откако Путин прогласи делумна мобилизација. Таа година во Србија се доселиле повеќе од 19.000 руски државјани, додека во 2023 година пристигнале речиси 23.000, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика.

За споредба, пред војната во Украина, во Србија годишно се доселувале меѓу 500 и 2.000 руски државјани. Тогаш најчесто ги избирале Нови Сад и белградските општини Нов Белград, Врачар, Ѕвездара, Стари Град и Савски Венац.

Чобиќ вели дека тогаш кириите „ненормално растеле“, дури и до 200 отсто, а падот започнал кон крајот на 2023 година. Цените, сепак, никогаш не се вратиле на нивото пред војната.

– Втората половина на 2024 и 2025 година беа постабилни и нашите граѓани веќе можеа да си ги дозволат тие цени. Сега ќе видиме како новиот бран ќе влијае врз нашите граѓани – вели Чобиќ.

Тој напоменува дека на пазарот и натаму има станодавци кои им даваат предност на домашните станари или не сакаат да им изнајмуваат на странци.

– Сè уште има надеж за нашите луѓе, но ако сакаат да влезат во трка со Русите за добри локации или модерно уредени станови, сепак ќе мора да издвојат повеќе отколку во јуни годинава –  наведува Чобиќ.

Кога понудата на станови не може да го следи растот на побарувачката, цените неизбежно растат. За домашните станари тоа значи дека мора да издвојуваат сè поголем дел од приходите за кирија, да бараат помали станови или да се преселат во поевтини делови од градот.

Економистот Милојко Арсиќ вели дека новиот прилив на странци дополнително го засилува притисокот врз пазарот, но истакнува дека проблемот со достапното домување во Србија е многу постар.

– Единственото рационално долгорочно решение е зголемување на понудата на станови, издавање поголем број дозволи за приватна градба и државата да гради нови населби во кои домувањето би било достапно под поповолни услови. Државата пропушти да го направи тоа во последните 15 години – вели Арсиќ.

Како пример за посериозно вклучување на државата во станбената изградба тој ја наведува населбата „Степа Степановиќ“ во Белград, каде што се изградени околу 4.600 станови. Смета дека таквите проекти треба да бидат дел од поширока и долгорочна станбена политика.

– Треба систематски да се работи на подобрување на условите за домување. Меѓутоа, државата најмногу го промовираше ‘Белград на вода’, кој е наменет за најбогатите. Парадоксално е што се занимававме со решавање на станбеното прашање на богатите, а ги занемаривме посиромашните – истакнува Арсиќ.

Проблем е и тоа што цените на недвижностите веќе долго време се високи во однос на домашните плати.

– Односот меѓу цената на квадратен метар и платата кај нас е понеповолен отколку во многу други држави. Кај нас е потребно да се издвојат поголем број месечни плати за да може да се купи еден квадратен метар стан – објаснува Арсиќ.

Цените на недвижностите ги зголемуваат инфлацијата, поскапите материјали и работната сила, инвестициската изградба како „Белград на вода“, но и програмите за станбени кредити за млади. Поради тоа, секој нов бран побарувачка дополнително ја влошува положбата на граѓаните на кои и онака им се тешко достапни цените на домувањето.

Арсиќ, сепак, предупредува дека доаѓањето на странците не треба да се набљудува исклучиво низ растот на кириите и цените на недвижностите.

– Ако пазарот на недвижности се набљудува изолирано, доаѓањето на странци има негативен ефект бидејќи ги зголемува побарувачката и цените. Но, постојат и позитивни ефекти: расте побарувачката за други производи и услуги, се зголемува потрошувачката во угостителството, а тие со својата работа придонесуваат за економскиот раст на Србија – заклучува Арсиќ.

Новиот прилив на руски државјани, според тоа, може дополнително да ги зголеми кириите, но тој не го создаде проблемот со достапното домување во Србија. Тој проблем постои со години, а новиот бран само го засилува притисокот врз пазарот на кој и сега нема доволно станови достапни за луѓето со просечни примања, констатира „Нова економија“.

Back to top button
Close