Нови детали за напаѓачот од Њу Орлеанс: Западнал во тежок екстремизам по брачни и финансиски проблеми
– Падот на Хамсуд-Дин Џабар во религиозен екстремизам се развивал со години – но неговата смртоносна омраза кон начинот на живот на многу од неговите сограѓани Американци неодамна се засилила додека се соочувал со сè поголеми финансиски и семејни притисоци, кажаа негови соработници по нападот со камион што уби 14 луѓе за време на прославата на Нова Година на познатата улица Бурбон во Њу Орлеанс.
Џабар, 42-годишен поранешен наредник во армијата бил опишан како паметен и пријатен од неговите поранешни воени колеги кои биле шокирани од неговата трансформација во терорист.
Тревор Нил, кој со Џабар во 2010 година посетувал обука за информатичка технологија во армијата во базата Форт Гордон во Џорџија, за WWL Луизијана изјавил дека „немало ништо необично“ кај Џабар во тоа време.
„Така, 28 недели во Форт Гордон, Шам ми беше пријател,“ рекол Нил за филијалата на CBS во Њу Орлеанс и за Гардијан. „Ништо не беше необично кај него. Го знаевме како кул и опуштен човек.“
Во посебно видео на платформата за социјални медиуми „ТикТок“, Нил додал: „Некој за кој ти било грижа… едноставно тргнува по погрешен пат.“
Питер Хип, кој исто така учествувал во специјализираниот курс за ИТ во армијата со Џабар, рекол дека Џабар бил најталентираниот студент во класот и дека никогаш не го слушнал да искажува контроверзни ставови. Иако Хип неодамна забележал дека Џабар почнал да објавува про-исламски пораки на „Фејсбук“, ниту една од нив не промовирала екстремизам.
„Мислам дека некаде помеѓу времето кога го познавав и сега, тој бил радикализиран,“ кажува Хип.
Таткото на Џабар од христијанин станал муслиман. И додека ветеранoт исто така се преобратил, тој и неговите браќа не живееле особено религиозни животи, изјавил еден роднина за Њу Јорк Тајмс. Овој роднина, кој не сакал да биде именуван, рекол за списанието: „Не мислам дека некогаш го имам слушнато зборот Алах кај нив.“
По разводот меѓу мајката на Џабар, која не станала муслимака, и неговиот татко, таа и нивните деца се преселиле во областа Хјустон. Џабар на крај се запишал на Универзитетот во Хјустон, и неговите тешкотии биле исто како на повеќето млади луѓе.
Џабар уживал во универзитетската култура, толку многу што студиите му страдале и ја загубил стипендијата, кажува неговиот полубрат за Тајмс. Тој почнал да служи во армијата на САД во 2007 година и на крајот бил унапреден во наредник.
Џабар бил испратен во Авганистан и обезбедил медал за глобална војна против тероризмот, меѓу другите воени признанија. „Тоа го среди,“ се присетил неговиот полубрат. „Му даде дисциплина. Го приземји.“
По осумте години во армијата, Џабар студирал на Државниот универзитет во Џорџија. Додека еден пријател изјавува дека Џабар покажал поголем интерес за исламот, соработниците од тој период велат дека тој не покажувал екстремизам.
Тој се вратил во Тексас и на крајот нашол работа во „Делојт“, една од четирите најголеми сметководствени компании. Но, според соработници и судски записи, неговиот хаотичен семеен живот ја поткопал стабилноста што би можел да ја постигне со приходите.
Судските документи во Џорџија и Тексас покажуваат дека Џабар трипати се развел: во 2012, 2016 и 2020 година. Овие разводи го обврзале да плаќа алиментација, како и издршка за трите деца, забележува Тајмс.
Судските документи од разводот во 2020 година откриваат дополнителни финансиски проблеми. Еден документ покажува дека во 2021 година му било наредено да плаќа 1.350 долари месечно на својата трета сопруга.
Џабар се вработил во недвижнини делумно поради зголемените долгови и, според WWL, се соочувал со заплена. Тој должел 27.000 долари за неплатени хипотеки, велат од Тајмс.
Во последната година, според неговите соработници, неговото однесување се променило: Поранешната сопруга и нејзиниот нов сопруг побарале да ограничат контакт помеѓу него и нивните деца бидејќи станувал сè понепредвидлив. Неговата непредвидливост се поврзувала и со неговите религиозни ставови, изјавил сопругот на жената за Тајмс.
По почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во октомври 2023 година, тој уште повеќе се распаднал. „Не му се допаѓаше – велеше дека тоа е геноцид од двете страни, нехумано,“ се присеќа полубратот. „Тоа беше бесмислено.“
Полубратот кажува дека Џабар почнал да изразува поцврсти ставови. „Не го одобруваше пиењето или забавувањето,“ наводно забележал. „Велеше дека тоа не е во согласност со она што Бог ни заповеда да го правиме. Велеше дека тоа не носи ништо позитивно.“
Џабар објавил снимки на „Саундклауд“ кои беа прегледани од Guardian, во кои тој ги критикува земните задоволства и тврди дека „поезијата, како рапувањето“ може да ги привлече луѓето „во работи што Бог ни ги забранил: опијати како марихуана, алкохол, седативи, опијати, стимуланси и друго. (Гардијан)