Нови пропусти на тајната служба: Таткото на напаѓачот на Трамп повикал полиција пред атентатот, бил загрижен за синот
Како што јави Би-Би-Си, овој повик е еден од низата таканаречени „црвени знамeнца” откриени во последните денови, кои укажуваат на тоа дека органите на редот биле информирани за атентаторот пред да одекнат истрелите во Батлер, Пенсилванија, каде што Трамп имал митинг.
„Таткото на Томас Метју Крукс повикал полиција бидејќи бил загрижен за својот син и неговото место на живеење“, изјавил за CBS News извор близок до истрагата. Не е јасно кога бил упатен тој повик, но секако бил пред нападот на Трамп. Засега не се знае што точно рекол неговиот татко во полиција.
Фокс њуз објави дека родителите на Крукс, Мери и Метју, им кажале на полицајците дека се „загрижени“ за нивниот син и дека тој исчезнал без никакво известување. ФБИ потврди дека родителите на атентаторот, кој беше ликвидиран, соработуваат со истрагата.
Извори блиски до истрагата изјавија дека пред нападот, атентаторот на Интернет пребарувал за големо депресивно растројство како и за Националната конвенција на Демократската партија, која е закажана за август.
„Вашингтон пост“ претходно објави дека атентаторот ги зачувал фотографиите на Трамп, претседателот Џозеф Бајден, јавниот обвинител Мерик Гарланд, директорот на ФБИ Крис Вреј и член на британското кралско семејство.
Властите се уште се обидуваат да го утврдат мотивот на 20-годишникот. Во неговиот напад во саботата, едно лице од публиката беше убиено, додека неколку други беа ранети.