„Новиот Херсон” – руска Византија како Дизниленд

Херсон, Севастопол, Украина
„Новиот Херсон” се гради врз урнатините на древниот Херсон, УкраинаФотографија: Vlada Zhikhareva/Fotolia

Градот Херсон,  во близина на пристаништето  Севастопол, долго бил важна тврдина  за византиското царство. Според древноруската легенда за крштевањето на кнезот Владимир Први, чија престолнина бил Киев, тој во 988-та го освоил Херсон и се согласил да го поштеди само ако византискиот цар Василиј Втори  му ја даде за жена сестра си, принцезата Ана Потфирогенита. Византскиот цар се согласил, под услов кнезот Владимир да се крсти. Така кнезот Владимир, подоцна прогласен за светител, се поврзал со византискиот двор. Уште во 15 век руската црква го создаде митот за Русија како „Третиот Рим”, но во тоа време „рускиот Ерусалим” беше уште Киев. Денес за рускиот културен империјализам Киев е недостапен, зашто остана  во  украинската држава. Некои веруваат дека Владимир Путин во Херсон сака да изгради замена за Киев, затоа што себеси се споредувал со кнезот Владимир.

Херсон Севастопол Украина
Путин  сака да го легитимира правото на Русија врз „Киевска Рус”, но и врската на денешна Русија со ВизантијаФотографија: nathings/Fotolia

Сепак, се чини дека  „Новиот Херсон” е израз на  империјалната  желба на руската држава и црква  да се претстават како „вистинската”, словенска  Византија. Затоа Путин тврди дека со крштевањето на кнезот Владимир во Херсон се родила и руската нација. Не се работи за славење на  Византија како христијанска цивилизација.  Туку како симбол на десет векови непобедивото царство. Не се работи за величината на христијанската вера, туку за величината на руската нација. Путин  сака да го легитимира правото на Русија врз „Киевска Рус”, но и врската на денешна Русија со Византија. Во  тоа тој е обединет со рускиот патријарх Кирил.

Кица Колбе

Паралели со „Скопје 2014″

Тој мит руската држава и руската црква се обидуваат да го „оживеат”  со еден гигантски проект наречен историско-археолошки парк, официјално наречен „реконструкција и музеификација” на древниот Херсон. Врз него се доградува и надградува  „Новиот Херсон”, во антички стил. Само на  Македонците овој  гигантски проект им се чини како некое грдо „дежави”, затоа што  и Скопје го има својот „историско-археолошки” парк.  Разликата е во тоа што „Новиот Херсон” се гради врз урнатините на древниот Херсон, а „античкото Скопје” е изградено врз  живото Скопје.  Изненадува само фактот што  империјалниот стремеж на  путинистичкиот  и на груевистичкиот наратив се идентични: Путин сака да се „легитимира” како наследник на кнезот Владимир Велики, а Груевски ја имаше истата „фиксација” за царот Александар Велики.

„Античкото Скопје” е изградено врз живото Скопје

Во новиот Херсон  ќе бил востановен надворешниот изглед на улиците, зданијата, храмовите, домовите за живеење и сите општествени објекти од 10 век, кога таму се крстил кнезот Владимир. Затоа што  Херсон бил антички град кој бил сочуван во  досега негибнат вид цели 2000 години, проектот е замислен како „реконструкција и музеификација” на античкиот Херсон. И овде поклопувањето со „Скопје 2014” е шокантно, зашто досега мислевме дека само Македонците веруваат дека може да има и „нова древност” како  „антиквизација” на новото.

„Русија, моја историја”

Во „Новиот Херсон” се работи за руска нова „византизација”. За таа цел, уште во 2015, со указ на Путин, била  формирана иницијатива за изградба на духовно-просветителски центар близу Херсон. Претседателот на советот за култура на Московската патријаршија, владиката Тихон Шевкунов, предложил да се формира работна група, чиј претседател станал самиот. Во 2008 по негово сценарио беше снимен пропагандниот документарен филм „Пропаста на една империја. Лекциите од Византија”. Уште во тоа време овој владика, близок на Путин,  ја застапувал  тезата за  Русија како духовна наследничка на Византија, а оваа пак била уништена од Западот, како што и денешната Руска  Федерација била загрозена  од „колективниот Запад”. Не зачудува што нарачателот на проектот во Херсон е Владимир Путин, а идејниот творец  владиката Тихон.

Во 2015-та започнале „гигантски” археолошки ископувања каде што биле откопани 3,5 милиони артефакти кои ќе биле изложени во новите музеи во Херсон. Украински историчари на уметноста истакнуваат дека тие „ископувања” се вршеле со багери и дека во  ридиштата  фрлен „шут” локалното население   подоцна наоѓало антички монети и ги продавало на „црно”. За археолошките ископувања со багери, пропагаторите на проектот еуфорично  ја ползуваат паролата: „Херсон се менува”. Вистински значајниот за светското наследство антички Херсон, чии остатоци преживеаја со векови, не ја преживеа новата руска империјална фиксација, која не ги почитува принципите на заштитата на културното наследство. „Овде, во Херсон беа крстени кнезот Владимир и неговата дружина. Тоа значи, токму овде  се наоѓа  светото место, центарот на формирањето на нашето духовно единство, кое во крајна линија, е положено во основата на руската нација и на  единствената централизирана руска држава.” Оваа изјава на Владимир Путин е цитирана на веб страницата на Фондацијата „Русија, моја историја”, која гради вакви  историско-археолошки паркови низ целата руска федерација.

Херсон Севастопол
„Новиот Херсон” е израз на империјалната  желба на руската држава и црква да се претстават како „вистинската”, словенска  ВизантијаФотографија: 2bears/Fotolia

Проектот е  финансиран од фондацијата „Моја историја” и  од други небуџетски извори. Во рамките на паркот ќе имало музеј на христијанството, музеј на Антиката и на Византија, музеј на Крим и на „Новорусија”. Освен тоа,  поклонички и туристички  центри, храм-парк, амфитеатар „Грифон арена” и квартови со реконструкцијата на древниот Херсон. Зад изградбата на овие објекти  стои „Спербанк” која потпишала договор за соработка со градот Севастопол. Паркот со многубројни музејски збирки на посетителите ќе им понудел секакви услуги – логистички и банковни- за да можат  на пријатен начин да го доживеат „Новиот Херсон”. Рекламата за проектов открива дека тој  се коси со принципите на заштитата на  историското и културното наследство. Дури и кога тоа е сочувано како урнатини од некогашни храмови или царски палати, тоа  мора да се сочува  во автентичниот вид. Затоа што само така ние можеме да стапиме во контакт со културите од минатото.  Да се „реконструира” археолошки локалитет, со тоа што ќе се ископаат сите наоди и ќе се стават во музеи, за да може врз нивните урнатини да се изгради „имитација” на тие антички градби, но сега според замислата на современиците, всушност, е  насилство на сегашноста врз минатото. Идејните творци на „Новиот Херсон” сметале дека  урнатините од древниот Херсон ќе им пречеле на луѓето да се „предадат во целост” на својата (руска) историја.

Пропаганден центар за новиот руски империјален наратив

„Подобро историско место не може да се најде во цела земја”, рекол претседателот на „Спербанк”, Герман Греф, заклучувајќи дека проектот бил  „восхитувачки” пример за соработката на црквата,   државата и творечките иницијативи. „На местото на кое немаше ништо, се роди еден совршен комплекс  кој сигурно ќе привлекува милиони луѓе во годината. Сакам да ги повикам сите да дојдат во  ова особено место, во Херсон, еден од најдревните градови во Русија”, апелирал Герман Греф. Тоа го согледал  претседателот на руската држава, по чија наредба, со финансиска помош од „Транснефт”, крај стариот антички град, бил изграден  „Новиот Херсон”. Паркот е наменет посебно за младите, на кои историјата на Русија  ќе им била презентирана на мултимедијален начин, со инсталации, реконструкции, изложби и историски спектакли. „Новиот Херсон”, всушност, ќе биде пропаганден центар за новиот руски империјален наратив. Во „Грифон арената” неодамна  легендата за кнезот Владимир била  прикажана како пропагандно  шоу. Еден германски пријател го нарече феноменот, чија жртва стана древниот Херсон, „сакро-фашизам”, затоа што еден значаен датум од историјата на христијанизацијата на рускиот народ во минатотото, денес се (зло)употребува  како пропаганда за  милитантните амбиции  на руската држава. Затоа замислата на историско-археолошкиот парк „Нов Херсон” со право се нарекува  „руска   Византија” како Дизниленд.

(dw)

Кица Колбе 

Back to top button
Close