О2 Иницијатива: Да се отвори истрага за излевањето од рудникот Тораница во Крива река и да се испита делувањето на инспекторите
)- Иницијативата О2 денеска соопшти дека се придружуваат кон барањата на градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски, изнесени на денешната прес – конференција за кривична одговорност од Булмак 2016 по повеќе основи за излевањето од рудникот Тораница на 14 март во Крива Река, на како што наведуваат, голема сива маса која потполно ги заматила Крива Река и реката Тораница.
Во соопштението се посочува дека дента примероци од водата земале од риболовниот клуб МРЕНА Крива Паланка, а општината тоа го направила следниот ден, за разлика од инспекторите на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), кои, велат, „не земале“ примероци за анализа од водата на реката и од Тораница, со цел идентификација на изворите и обемот на загадувањето и не повикале акредитирана лабораторија која би земала примероци и извршила анализа, при состојба на комплетна заматеност и полна со талог на инаку бистрата река. Нивна обврска согласно законот при настаната хаварија, наведуваат од О2, е да ги утврдат опасните супстанции кои се присутни, податоците кои се потребни за проценување на последиците од несреќата по здравјето на луѓето и по животната средина.
– Дополнително, ДИЖС ја дезинформираше јавноста дека на 14 март се излеала само вода од таложникот за јамски води, која не содржи хемиски средства, без да изврши анализа на водата за да тврди такво нешто, со што јавноста беше излажана. Ние истото утро стапивме во контакт со ДИЖС и баравме да излезе инспекција на терен што побрзо и да се земат примероци од водата. Реката е сериозно загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето, со неверојатно зголемени концентрации на штетни материи, десеткратно зголемено присуство на олово, за стотици пати на цијанид, зголемена pH и концентрации на фосфор, азот и останати тешки метали, велат од О2.
Според нив, и реката Пчиња е загрозена. Загрозени се бунарите, подземните води, живиот свет, загрозена е и почвата по текот на овие реки, земјоделските насади кои се наводнуваат од овие речни подрачја, сточниот фонд и ултимативно животот и здравјето на луѓето што ги конзумираат овие производи.
– Долготрајни последици и штети по земјоделските поседи, земјоделски и овошни култури се очекува да има во реонот на општината и соседната општина Ранковце, т.е. Славишко Поле. Бараме обвинителство да отвори истрага за случајов, а Инспекциски Совет и Министерството за животна средина (МЖСПП) да го испита делувањето на инспекторите. Бараме од Владата и Собранието да ги изменат законите во насока на јасни ингеренции на инспекторите, зголемена транспарентност при нивното работење, јасно дефинирање на судир на интереси, зголемена одговорност и нивно санкционирање при непостапување, истакнуваат од О2.
Ефектот од ваква хаварија е кумулативен и поморот на живиот свет во Крива Река и Тораничка може да се случи со тек на време, ако не се случил во првите денови, сметаат од О2 и го повикуваате Природно-математичкиот факултет, Институтот за сточарство и рибарство да излезат на терен и ја утврдат состојбата со живиот свет во овие реки.
– Со оглед дека ова е трето прекршување, бараме МЖСПП да ја одземе А интегрираната еколошка дозвола на БУЛМАК 2016, стои во соопштението.
Во однос на транспарентноста, зададена со закон, од О2 забележуваат и дека Решението од инспекцискиот надзор не е објавено согласно законот на веб страницата на ДИЖС.
ДИЖС не ги објавува своите инспекциски акти на својата веб страница најдоцна во рок од 5 дена од нивно носење, како и извештаите од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола. На страницата објавени се само инспекциски акти од 2023 година, иако законот се применува од крајот на 2019. Во однос на денешното соопштение од МЖСПП за случајов, цитиран е министерот Izet Mexhiti дека законот мора да се почитува. Со оглед дека ДИЖС е сега под наделжност на МЖСПП, очекуваме веднаш да започнат со спроведување на законот и објава на сите инспекциски акти и извештаи од извршен инспекциски надзор над субјектите со А и Б интегрирана еколошка дозвола на веб страницата на ДИЖС. Според информации на свиркач, кои се наведени, цевката пукнала поради зголемен обем на работа, не водејќи сметка за стабилноста на објектите како таложници, цевки, јаловишна брана и надвисувала јаловишната брана без дозвола. Исто така, едниот инспектор на ДИЖС кој вршел увид на терен било поранешен вработен на Булмак 2016, а на другиот неговата сопруга работела во фирмата, стои во соопштението.
Се посочува и дека фирмата која стопанисува со рудникот Тораница „Булмак 2016“ во 2021 година имала профит од 13 милиони евра.
Извештајот од испитаните примероци на водата во Крива Река земени еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажува дека концентрацијата на олово е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот, информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски. Тој најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт.
Инаку, фирмата која стопанисува со рудникот Тораница е „Булмак 2016“, чиј пак сопственик е бугарската фирма „Минстрој“ на бизнисменот Николај Валканов, поранешен потпретседател на озлогласената „Мултигруп“, која беше обвинета за вмешаност во атентатот врз поранешниот македонски претседател Киро Глигоров и еден од најблиските соработници на сопственикот на „Мултигруп“, Илија Павлов, оквалификуван во американските дипломатски извештаи како „доајен на бугарскиот организиран криминал“. Во 2021 година Булмак 2016 имала профит од 13 милиони евра, велат од иницијативата.