Обвиненијата се неточни, ќе го тужам Пандов – реагира директорот Андов
Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Филип Андов-Сокол, најавува тужба против в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Реакцијата следува по денешната прес-конференција на која Пандов го обвини Андов дека затворениците во затворот Шутка со негов „амин“ кога сакаат влегуваат и излегуваат, а кога затворската полиција ќе им забележела, тие, како што рече Пандов, „ваделе телефони и му јавувале на Сокол дека дадени се пари и не смее да им прети“.
Понатаму, Пандов обвини дека во отвореното одделение, Андов лично одредувал кои затвореници ќе бидат распоредени во деловите наречени „возен парк“ и „перална“, за да може, како што вели тој, кога сакаат да влегуваат и да излегуваат. Сите овие наводи директорот на Шутка во писмена реакција ги отфрла како неточни.
Вонредниот надзор на Управата за извршување санкции во петокот ноќта покажал дека од 180 затвореници, 11 недостасуваат. Десет од нив се вратиле, но од утринава четворица повторно се во бегство.
„По денешната прес-конференција на директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, најавувам дека ќе поднесам тужба за нарушување на мојот углед, но и на институцијата со која раководам. Сите обвинувања целосно ги отфрлам како неточни. Ги повикувам институциите да постапат согласно закон, да ги утврдат сите факти и околности, а по извршениот вонреден надзор во петокот, каде што од страна на директорот Пандов се споменува дека не биле присутни 11 лица, а пријавено е само едно, додека другите биле контактирани по телефон да се вратат. Епилогот од таквото нестручно и неправилно однесување на директорот Пандов резултираше со бегство кое се случи во текот на ноќта од страна на четири лица“ стои во реакцијата на Андов