Обвинителката го соочи таткото на Вања со фактот дека само тој од обвинетите знаел кога Вања оди сама на училиште, тој тврди дека не го познава Палчо
Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, на денешното судско рочиште одговараше на прашања на Обвинителството.
Тој уште еднаш повтори дека не познава никој од останатите обвинети, освен што имал слушнато за Љупчо Палевски -Палчо, односно се зборувало за него во соседството кога ја градел зградата ,,Тифани”.
– Advertisements –
-Лично го немам видено, како лик, како изгледа, дециден беше Ѓорчевски.
Тој повтори дека седум-осум години бил без работа, бидејќи се договориле со сопругата Зорица, тој да ги превзеде обврските околу двете деца кого биле мали, а таа работела.
Следуваа уште неколку прашања во оваа насока, со кои обвинителката сака да докаже дека тој не заработувал.
Обвинителката го праша за тоа и каков ученик бил во основно и средно училиште, односно дека бил слаб ученик.
-До 5 одделение бев сооученик со Радмила Шекеринска и бевме првенци на генерација. Потоа почнаа тинејџерските години и попуштив со учењето, а во средно татко ми ме запиша Економско, без да ме праша, поради што бев револтиран, одговори Ѓорчевски.
Обвинителката го праша Ѓорчевски дали двете ќерки учеле во исто училиште и дали секогаш наставата им почнувала во прва смена, наутро?
Тој одговори потврдно, и рече дека секогаш им го знаел распоредот на часовите.
Во петок, обвинителката рече, дека Вања без исклучок секогаш одела сама, бидејќи на Миња наставата и започнувала од вториот час, а таткото го потврди кажаното.
Така било и во петокот, кога бил првиот обид за грабнување.
-Во неделата, 26.11.2023 година, ден пред грабнувањето, знаете дека и во понеделник Вања ќе оди сама, бидејќи Миња ќе нема прв час. Дали го знаевте тоа, праша обвинителката.
Тој одговори дека знаел.
-И неделата претходно Миња ги губеше часовите со класната. Требаше да се врати во понеделникот, но повторно сте добиле информација дека и во понеделник нема да дојде, праша обвинителката, на што таткото потврди потврдно.
-Од сите обвинети од тука, само вие знаете дека Вања на 27.11.2023 година ќе оди сама на училиште, рече обвинителката.
-Да јас знаев, а не знам што знаеле другите обвинети, рече Ѓорчевски.
Обвинителката продолжи, дали е точно дека во неделата вечерта пративте порака на децата:,,Утре ќе биде ѕивра од сабајле, -7. Извадете уште сега топли ствари да не губите време од сабајле. Хулахопки, плус чорапи, мајци, блуза, дуксер, јакна. Чизми или добри кожни патики. Шал, ракавици не мора ако имате џепови, гласела пораката.
Откако ја прочита пораката, обвинителката праша: Сакавте да ги спремите децата како да ќе одат на планина, а не на училиште?
Дека ќе бидат изложени на ладно, го праша обвинителката.
Тој одговори дека личи на него да напише нешто такво, зошто биле во тинејџерски години, па се облекувале фенси, а не топло. Затоа пораката ја препратил и на Зорица, зошто знаел дека нема да го послушаат, а за тој ден најавиле дека ќе бид најстудениот ден.
Обвинителката го праша зошто кога знаел дека ќе биде толку ладно не отишол да ги однесе со кола, и така бил без работа?
Тој посочи дека помислил, но ставот на Зорица бил дека не треба да ги разгалуваат, па затоа не се понудил.
Обвинителката го распрашуваше и за тоа како успеал толку брзо успеал да се спреми утрото кога Зорица му се јавила и му кажала дека ја нема Вања, бидејќи важел за човек што доцни.
Тој демантираше дека доцни и дека таквиот заклучок за него не е точно.
-Бев во кревет во долна облека. Зорица ја ставив на спикер. Додека зборуваше се облекував, рече Ѓорчевски.