Обвинителот Хајрулахи со своите лаги и навреди ја продолжува тортурата врз нас, вели Слезенковска која го пријави за мобинг
Ружица Слезенковска, поранешна вработена во Вишото скопско обвинителство, но и една од пријавителките на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи за мобинг, вели дека изминатиот период е подложена на јавен линч од поранешниот шеф на обвинителството. Нејзината изјава ја пренесуваме во целост:
-Сакам јавно да реагирам на грубите лаги и навреди и на начинот на кој Вишиот јавен обвинител Хајрулахи ги злоупотребува својата позиција и медиумите за да изврши директен притисок врз мене и врз останатите пријавителки.
–
Верувајте дека беше потребна огромна храброст да се излезе и да се укаже за она со кое што се соочувавме во работата во Вишото јавно обвинителство Скопје. Своите сведочења ги поднесов во форма на кривична пријава по која се постапува и барам да ми бидат заштитени правата како жртва во постапката.
Сите јавни настапи на г-динот Хајрулахи во кои ме омаловажува и навредува, директно споменувајќи го моето име, се продолжување на тортурата која ја трпам подолг временски период. Сметам дека единствена цел на ваквите јавни притисоци е да ме вознемират и да ме заплашат за да ме натераат да се повлечам од пријавата, вели Слезенковска.
Штипското обвинителство отвори постапка против обвинителот Хајрулахи по пријавите од неколку вработени во Вишото обвинителство, а постапката се води за кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување и Малтретирање во вршење на службата.