Обвинителство: Претставници на пациентите од Клиниката за онкологија ќе имаат директен увид до собраните докази и преземените дејствија
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека ќе дозволи претставници од неформалната организација преку која пациентите од Клиниката за онкологија ги изнесуваат своите барања да имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија.
Во соопштението од Обвинителството стои дека со ова преземаат дополнителни чекори за обезбедување максимална транспарентност и отчетност на постапката, имајќи го предвид фактот дека со предметот кој се води во врска со Клиниката за онкологија се испитува евентуална повреда на највисокото уставно загарантирано право на здравствена заштита.
Од обвинителството појаснуваат дека ова е одлучено по барањето на онколошките пациенти изнесено на средбата која се одржа минатиот четврток.
-Обвинителството денеска ќе побара од неформалната организација преку која пациентите ги изнесуваат своите барања да избере тројца онколошки пациенти кои во текот на целата постапка ќе имаат директен увид во прибраните докази и во преземените дејствија. Пациентите ќе треба претходно да потпишат изјави со кои ќе се гарантира тајноста на постапката и на личните податоци во кои ќе имаат увид. Начинот на избор на пациентите е оставен на нивните претставници кои го изнесоа ваквото барање, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје.
Обвинителството претходно ги охрабри сите граѓани кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи.
-Во текот на денешниот ден, надлежниот јавен обвинител телефонски го контактираа десетина граѓани, кои сакаат со свои сознанија да и помогнат на постапката.Јавното обвинителство ги презема сите дејствија за обезбедување докази со цел проверка на наводите во овој предмет. Во таа насока, од самиот почеток е вклучен и лекарски и друг медицински персонал, соопшти Основното јавно обвинителство