Од 1 јуни во Грција привремено се укинува задолжителната маска и на затворено

 

Од 1 јуни привремено се укинува задолжителната маска и во внатрешните објекти во Грција, со исклучок на болниците, домовите за стари лица и јавниот градски сообраќај, соопшти попладнево министерот за здравство Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.

Плеврис рече дека одлуката е по препораката од надлежната комисија на епидемиолози и ќе важи до 15 септември 2022 година.

Маската повеќе нема да биде задолжителна за затворените простори, но и за авионите и за превозните средства со нумерирани седишта, како што се возовите и меѓуградските автобуси.

Министерот за здравство на Грција објасни дека маската и понатаму ќе биде задолжителна во болниците, домовите за нега на стари лица и слични институции, како и во јавниот градски превоз, како што се автобусите, метрото, трамваите и тролејбусите.

За употребата на маската во образовните институции и во бродскиот сообраќај, Комисијата на епидемиолози, како што рече Плеврис, ќе одржи нов состанок следната седмица.

-Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории, рече Плеврис.

Back to top button
Close