Од Будимпешта ништо ново
„Втор владин унгарско-македонски самит во Будимпешта. Фокус на миграцијата. Не можеме да ги заштитиме луѓето во Европа од илегалната миграција без поддршката од земјите од Западниот Балкан. Северна Македонија е еден од нашите најважни партнери“.
Ова е пораката што премиерот на Унгарија, Виктор Орбан ја испрати во вторникот (04.03.) преку социјалните мрежи по повод заедничката владина конференција со Македонија. На мрежата Х тој беше поконкретен дополнувајќи: „Не можеме да ги заштитиме луѓето во Европа од илегалната миграција без поддршка од земјите од Западен Балкан. Во таа насока Северна Македонија е еден од нашите најважни партнери“.
За македонската влада која среде економската криза во државата ентузијастички изнајми Ербас со 180 седишта од авиокомпанијата Free Bird Europe за да одлета во Унгарија, тоа не се посакувани пораки. Владата на Македонија отиде во Будимпешта за да покаже дека има силен партнер и пријател во Унгарија и дека не е осамена на европското тло како што предупредуваат аналитичарите.
Премиерот Христијан Мицкоски средбата на владите на Северна Македонија и на Унгарија ја виде од друг агол. Тој, на социјалните мрежи порача дека со неговиот домаќин унгарскиот колега Орбан разговарале за: „клучни прашања од взаемен интерес, зајакнување на економската соработка, инвестициите, енергетиката, инфраструктурата и европската перспектива на Македонија“.
Искреноста на Орбан
Ова не се единствените формулации кои произлегоа од настанот во Будимпешта а кои заслужуваат да се најдат под лупа на овдешната јавност. На прес-конференцијата на двата премиери, Виктор Орбан рече: „Македонија и Унгарија припаѓаат на иста економска регија, тука спаѓа и Србија. Ова е еден простор кој може да биде заедничка зона, а соработката може да донесе огромен потенцијал. Проблем е само што ние сме во Унијата, а Македонија и Србија се надвор од неа. Затоа не можеме овој простор да го организираме како единствен економски простор“.
Со изјавата дека за Македонија е хендикеп што не е во ЕУ и дека е тоа пречка за развој на пазарот и на економијата, Орбан всушност кажа нешто што неговиот колега Христијан Мицкоски не сака да го слушне. Мицкоски ја уверува јавноста кај нас дека Македонија може да се развива и надвор од ЕУ.
Не верувам дека унгарскиот премиер сакал да ги дискредитира политиките на владата во Скопје, но овој момент на искреност треба да внесе трезвеност во надворешната политика што ја води сегашното раководство на земјава.
Се надевам, вели Мицкоски, дека конечно евроинтегративниот процес за нас ќе биде откочен, со голема поддршка од нашата пријателска Унгарија. Но што му рекол Орбан? Можете да сметате на нашата поддршка, рекол Орбан, не само затоа што е срамно што овој процес споро оди напред а за тоа не е одговорна Македонија туку ние членките на ЕУ. И продолжил: „ЕУ мора да биде поконкурентна во светот и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста освен проширувањето“.
Од одговорот може да се заклучи дека Орбан го повторил тоа што сите европски лидери го знаат, а тоа е дека Македонија неправедно долго ја држат во чекалницата на ЕУ. Изјавата, пак, што ја дал дека е потребно проширување, е дадена веќе стотина пати бидејќи сите функционери на ЕУ ја повторуваат во изминатите десет години. Значи ништо ново ниту обврзувачко од Унгарија кон земјата која во својата надворешна политика се потпира на унгарското лобирање.
Резимето на посетата на Унгарија, оттука, е дека Македонија зборува за економска и политичка поддршка, а Унгарија зборува за улогата на Македонија во сопирањето на миграцијата. Мигрантите се важно прашање за Европа, но сосема неважно за Македонија.
Колку чини авионот?
Различните тонови околу целта и содржината на македонско-унгарскиот самит кои провејуваа во оценките на Мицкоски и Орбан наведуваат на заклучокот дека Унгарија има свои математики кои немаат врска со очекувањата на официјално Скопје дека патот кон Брисел ќе води низ Будимпешта. Впрочем Унгарија беше шест месеци претседавач со ЕУ при што премиерот Орбан се фокусираше на посети и разговори со Путин и Зеленски а Македонија не се најде на неговата агенда. Дури ни посетата на Охрид што ја направи не изгледаше убедливо кон наративот на македонската влада дека нашла партнер кој ќе ги претставува нашите интереси.
Прашањето кое исто така се наметнува е како може Унгарија да лобира за Македонија во ЕУ кога и самата со својата политика и поддршка на чекорите на претседателот Трамп, се најде на различен колосек од ЕУ? Разликите меѓу Белата Куќа и Европа со секој нов ден се продлабочуваат, а премиерот Виктор Орбан се промовира во европски гласноговорник на Трамп. „Силните мажи прават мир, а слабите војна. Претседателот Доналд Трамп храбро се залага за мир. Дури и кога е тешко другите да го проголтаат тоа. Ти благодарам, господин претседателе“, порача Орбан на мрежата Х.
Македонскиот премиер Мицкоски е очигледно импресиониран од унгарскиот колега и не штеди комплименти за него. „Неговиот збор планини тежи за што ја има мојата неизмерна почит како човек кој што често пати со своето однесување знае да инспирира“, рече Мицкоски за Орбан на прес-конференцијата во Будимпешта.
Орбан, пак, само што го испрати Мицкоски назад во Македонија, побрза на Фејсбук уште еднаш да го критикува европскиот естаблишмент и да го велича американскиот претседател. „Стратегиската контрадикторност меѓу поддржувачите на војна и кампот за мир не може да се разреши со насмевки и незборување и молк по победата на претседателот Трамп“, порача тој а за илустрација ја стави фотографијата од собирот во Лондон во понеделникот (03.03.).
Моменталните односи на глобален план и разијдувањето меѓу Европа и САД ја прават позицијата на Македонија ранлива, а потезите на Владата ја зголемуваат несигурноста за тоа каква иднина ја чека државата.
Театарот во Будимпешта не може да биде мелем за растечката неизвесност во Скопје.
Освен тоа транспарентноста на која се обврза Владата налага и одговор на прашањето колку чинеше изнајмувањето на авионот со кој македонската делегација одлета во Унгарија придружена од бројни медиумски екипи.(dw)
Соња Крамарска