Од четврток до понеделник градот Скопје ќе стане работилница за приказни
Од 31 октомври до 4 ноември во градот Скопје, под мотото „Лабораторија за приказни – таму каде што се вкрстуваат нашите патишта“, ќе се одржи третото издание на Фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна“.
Во рамки на овогодинешното издание ќе слушаме македонски, грчки, полски, словенечки и шпански приказни во различни формати и ќе се обидеме да ги одгатнеме сите елементи што нѐ поврзуваат. На тој начин сакаме на децата да им ја пренесеме пораката дека сите деца и многу возрасни на светот сонуваат убави соништа: сонуваат за светла земја, во која луѓето не се плашат и се гледаат во очи, за земја во која се игра, се пее, се раскажуваат приказни и лебот се дели на еднакви парчиња.
Програмата е богата со содржини и вклучува концерт со детски песни на Георги Шарески и Џијан Емин, по текст на Владимир Лукаш, изложба на илустраторката Наталија Лукомска и работилници што ќе ги водат познатите писатели за деца од Грција и од Полска, Марија Папајани и Марќин Шчигелски. Хуан Олер од креативното студио „Милимбо“ од Валенсија ќе одржи предавање за создавање содржини за деца на јавни простори, а главниот настан ќе биде панел-дискусија за елементите во приказните што нè поврзуваат со наслов „Каде се вкрстуваат нашите патишта“.
Настаните ќе се одржуваат во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, Културно-социјален центар „Јадро“, во библиотеката „Другарче“, во кафе-книжарница „Буква“, во Театарот на сенки „Сенки и облаци“ и во Драмскиот театар во Скопје.
Приказните се важни. Важни се и за децата, за нивниот психички и емотивен развој, но важни се и за развојот на заедниците и на градовите.
Повеќе информации за третото издание на Фестивалот „Крошна“, за настаните и за учесниците може да најдете на профилите „Сказнувалка“ на социјалните медиуми.