Од идната недела враќање на првите повредени во Кочани
Идната недела ќе почне враќање во Македонија на првите пациенти што се лекуваат во странство од повредите во пожарот во Кочани, соопшти министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска (22.03) соопшти дека идната недела треба да почне враќање во Македонија на првите пациенти што се лекуваат во странство од повредите во пожарот во Кочани. Прво ќе се враќаат оние кои се во добра здравствена состојба, изјави Муцунски.
Тој најави дека во Министерството за надворешни работи денеска ќе се одржи координативен состанок за следните чекори и мерки за организација на очекуваното враќање на сите оздравени пациенти или за продолжување на нивното лекување во земјата.
Според Муцунски, вкупно 116 пациенти со повреди во пожарот во Кочани се лекуваат во странски болници во 14 европски држави. Трошоците за нивното лекување се покриени од државите домаќини, а патувањето и сместувањето на нивните најблиски и трошоците за целата логистика за нивниот престој во странство го презема Македонија.
Министерот им се заблагодари на сите земји кои ги примиле повредени за нивната солидарност, а се заблагодари и за пожртвуваноста на македонските медицински екипи на кои рече дека е многу горд.
Муцунски денеска информираше и дека од 116-те хоспитализирани во странство, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош. Најмногу повредени се лекуваат во Србија – 31, 15 се во Бугарија, по 12 пациенти има во Турција и Грација, седум во Шпанија, по шест пациенти се на лекување во Австрија и Унгарија, пет во Хрватска, по четири пациенти во Белгија, Литванија, Италија, Шведска и Словенија и двајца пациенти во Полска. Чешка и Израел испратиле медицински тимови додека Романија, Луксембург, Норвешка и Финска, обезбедиле логистичка поддршка за транспорт на повредените.