Од јуни ќе се издава граѓанска обврзница, камата повисока отколку во банка

Државата од јуни годинава ќе ги издаде првите граѓански обврзници, нов инструмент за финансирање на развојни проекти и на пазарот на капитал, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими на средба со новинарите.

Граѓанската обврзница ќе биде со рочност од две години, а нејзиниот минимален износ ќе биде 10.000 денари. Граѓаните ќе можат и пред истекот на рокот да тргуваат со неа на Македонската берза доколку им се потребни парите. Преку овој инструмент државата планира во Буџетот за 2023 година да инкасира 50 милиони евра.

Како што најави Бесими на денешната средба со новинарите, се уште не е дефинирана каматата за обврзницата, но таа ќе биде повисока отколку кај депозитите во банките, а пониска од каматата доколку државата се задолжи во странство. Овој инструмент, како што кажа, секоја година ќе биде присутен на пазарот.

-Ова ќе биде вин-вин состојба за сите. Целта на издавањето на граѓанската обврзница не е ликвидност на Буџетот. Издавањето на оваа обврзница, заедно со развојната, зелената и проектната обврзница се предвидени уште со Планот за забрзан раст, а граѓанската обврзница е предвидена и во Буџетот за 2023 година, односно нејзиното издавање е дел од предвиденото задолжување во оваа година на домашниот пазар и таа нема да го зголеми дефицитот и јавниот долг, рече Бесими.

 

Back to top button
Close