Од утре патување во Германија без строги ограничувања за македонските граѓани

С. Македонија од утре ќе биде избришана од германската листа на ризични земји поради Ковид-19. За македонските граѓани кои ќе патуваат во Германија, повеќе нема да важат строгите ограничувања поради коронавирусот.

Германија од „црвената листа“ на  ризични земји поради коронавирусот од недела 13. јуни ќе ја отстрани С. Македонија, како и други земји од Западен Балкан, соопшти вчера германскиот институт Роберт Кох (РКИ)

Од овој момент за влез во Германија по копнен пат за македонските граѓани целосно нема да важат корона-ограничувањата односно обврските за дигитална пријава на патувањето, за негативен ПЦР-тест, како и за карантин.

Поради опаѓачкиот број на нови случаи со инфекција со коронавирусот, РКИ, од листата на ризични земји отстранува повеќе земји, меѓу кои и Австрија, САД, Канада, Ерменија, Азербеџан, Канада, Либан, Молдавија, Украина и Кипар.

Покрај С. Македонија, од Западен Балкан, како ризични земји повеќе нема да се третираат и Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Оние, пак, кои со авион пристигнуваат на некој германски аеродром меѓутоа и натаму ќе мора да  имаат потврда за негативен ПЦР-тест или потврда за прележан Ковид-19 или потврда за целосна вакцинација пред поаѓањето, се наведува во извештајот на Институтот Роберт Кох. (РКИ)

Прогласувањето на С. Македонија, и останатите земји од Западен Балкан за неризични, од страна на РКИ, ќе има влијание и на останатите држави во ЕУ, односно, на Австрија, која одлучи своите правила за влез во земјата да ги одредува врз основа на листата на германскиот институт.

Back to top button
Close