ОДИ РАЃАЈ
Сѐ и сешто сме се изнаслушале од собраниската говорница, ама слично нечовечко обраќање какво што беше на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска кон пратеничката Славјанка Петровска одамна не паметиме. Барем не последниве 15 години. Во април 2010, на комисиска расправа за Закон за семејството, тогашната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ Анита Стефановска, незадоволна од настапот на тогашната пратеничка на СДСМ Радмила Шеќеринска, ѝ рече: „Доста збориш, ајде оди раѓај!“. Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ не се извини, туку се правдаше дека била загрижена за колешката од СДСМ која тогаш беше во поодмината бременост, па така ѝ рекла оти „поголем интерес за државата е таа да роди здраво македонско бебе“.
Така и сега. Министерката Димитриеска-Кочоска не се извини затоа што на пратеничката ѝ рече: „Врз основа на што вие ги ставате в уста мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши? Јас сум мајка на два сина и многу добро знам колку треба да троши едно четиричлено семејство“. Нѐ убедува дека не сакала да ја навреди пратеничката што нема деца, туку била извадена од контекст.
Значи, не верувајте на тоа што сте слушнале со свои уши, туку верувајте на тоа како владејачката партија ќе ви го протолкува слушнатото. Ама, ние имаме свои уши.
Настрана што, како министерка ѝ дошла на пратеничката дома, во Собранието, и на седница за пратенички прашања ѝ се налути како се дрзнала да ѝ поставува прашања за цената на млекото, а нема синови, туку ги навреди и сите што беа згрозени од нејзината дискриминација по брачен статус дека се сдсмовски ботови, а и Славјанка Петровска уживала во улогата на жртва.
Не верувам дека и на сопартијките на министерката не им е јасно колку е нечовечки тоа што таа го изговори од собраниската говорница. Ама тие не се чувствуваат навредени, оти се горди послушнички.
Министерката Димитриеска-Кочоска рече „За мене темата е затворена“. Е па, затворена е.
Министерка од редовите на владејачката партија мисли дека само затоа што е мажена и има два сина има право да замолчи пратеничка во Собрание. А владејачката партија место да се извини во нејзино име, ѝ дава за право и бетер ја пизми пратеничката оти нема деца. И така, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска експресно помогна и ова ВМРО-ДПМНЕ повторно да си ја покаже басмата на ВМРО-то од пред 15 години. Ако некој случајно имал дилема за басмата, де.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК