Одземени мобилни телефони и обемна документација во вчерашната акција во Одделот за општи и заеднички работи во МВР
Мобилните телефони и документацијата ќе бидат дел од натамошна анализа и вештачење, а како што информира МВР, извршени биле и службени разговори со повеќе лица
Во акцијата што беше спроведена вчера во Одделот за општи и заеднички работи во Министерството за внатрешни работи биле извршени претреси на 16 локации и запленети се обемна документација и мобилни телефони.
Како што информираа денеска од МВР, активностите биле преземени во координација со Јавното обвинителство околу предмет кој е во предистражна постапка, а се однесува на злоупотреба и договарање меѓу економски оператори и вработени во Одделот за општи и заеднички работи во МВР во врска со спроведена јавна набавка за потребите на Министерството.
Мобилните телефони и документацијата ќе бидат дел од натамошна анализа и вештачење, а, како што информира МВР, биле извршени и службени разговори со повеќе лица.
Според неофицијални информации кои дел од медиумите ги објавија вчера, полициската акција во просториите на Министерството за внатрешни работи се однесува на истрага поврзана со сомнежи за злоупотреба на тендери за сервисирање на службените возила.