Огин ја гори Македонија
За 59 мртви млади луѓе, во некои нормални држави паѓаат цели влади. Или барем одредени министри. На пример, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој, исто така, со својот личен пример не чувствува никаква морална одговорност. На Тошковски во пожарот му гине негов службеник, полицаец. Зошто? Зошто воопшто бил таму? За да ги обезбедува присутните? За да спасува преживеани? Не! Туку за да проверува дали илегално се продава дрога и да легитимира малолетници! Тоа е таа масивна борба против криминалот!
Впрочем, самата идеја да пратиш човек на небезбедно, нелегално и нерегуларно место да брка деца со марихуана и притоа човекот да загине е повеќе од доволно за оставки на целиот полициски врв, заедно сосе министерот. Се чини дека и градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов го има истото чувство за одговорност, како и неговите колеги. Никакво. Иако во градот со кој начелствува речиси нема куќа, нема семејство што директно не е засегнато од оваа трагедија.
Гледаме што се случува во Србија по падот на натстрешницата во Нови Сад, каде што загинаа 15 луѓе (меѓу кои и еден македонски државјанин). Не ја споменувам тука новосадската катастрофа за да повлечам каква било паралела со несреќата што нѐ снајде (иако има многу за споредување), туку поради сличностите на реториката на српскиот претседател Александар Вучиќ и нашиот премиер.
И Вучиќ ветуваше морална и кривична одговорност, ветуваше дека ќе апси, дека секој што се огрешил од законот ќе одговара, без оглед кој е и на која функција е. И му се случи – масовен студентски и граѓански бунт.
Ќе му поверувам на Мицкоски кога, наместо со фалсификувани лиценци, ќе почне да мавта со фалсификувани сертификати за познавање англиски јазик, со фалсификувани дипломи и докторати и кога навистина ќе почувствува морална одговорност за сите оние високопозиционирани службеници по македонските министерства што се таму само затоа што се партиски активисти, негови пријатели или пријатели на негови блиски луѓе.
Една од паролите на српските протести отприлика гласеше: „Кога партиските волонтери ќе помислат дека се инженери“. Ете, тоа е дефиницијата на корупцијата. Не е толку битно кој потпишал или не потпишал лиценца или дозвола за работа. Битно кој го ставил таму. Кој е „кадровикот“ во оваа држава и врз основа на кои критериуми ги избира своите кадри.
…
Колумнатa на Ѕвездан Георгиевски за ПРИЗМА во целост прочитајте ја тука