Околу 1.000 граѓани на ЕУ се приклучија на тужбата против Фон дер Лајен за ковид-вакцините
Повеќе од 1.000 граѓани на ЕУ се приклучија на тужбата против претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во случајот на прекршување на правата при купување вакцини за Ковид-19, според белгискиот активист Фредерик Балдан, кој ја поднесе тужбата.
Балдан посочи дека постојат докази дека вакцините одобрени за употреба во ЕУ не биле доволно тестирани во однос на ефикасноста во борбата против пандемијата, иако Брисел воведе рестриктивни мерки против оние кои се против задолжителната вакцинација, објави „Брисел морнинг“.
Според Балдан, ова докажува дека ЕК од самиот почеток ги прекршила правата на граѓаните. Белгискиот суд во Лиеж не можеше да ги разгледа обвиненијата против Фон дер Лајен во петокот и ги одложи рочиштата на неодредено време.
Европското обвинителство протестираше поради фактот што случајот против Фон дер Лајен го разгледува белгиското правосудство, инсистирајќи на тоа дека таа има имунитет бидејќи тоа е поврзано со нејзините професионални активности.
„Њујорк тајмс“ претходно објави дека за време на пандемијата на Ковид-19, Фон дер Лајен разменила СМС пораки и повици со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурл, разговарајќи за најголемата набавка на вакцина дотогаш.
Фон дер Лајен беше повикана да ја открие содржината на нејзините пораки со Бурл, но ЕК одби. Весникот ја истакнува улогата на претседателката на ЕК во постигнувањето на договорот со „Фајзер“, наведувајќи дека според договорот ЕУ ќе купи 1,8 милијарди дози вакцини од компанијата „Фајзер“ во вредност од 35 милијарди евра.
Европската комисија ја презеде одговорноста за воведувањето на вакцината низ ЕУ како дел од заедничката шема за набавка, обезбедувајќи дози на вакцини во вредност од над 20 милијарди евра.
Весникот „Политико“ објави дека стотици милиони дози останале неискористени, што ги чинело даночните обврзници околу четири милијарди евра.