„Омикрон“ пристигна во Македонија – Филипче уверува дека нема потреба од дополнителни мерки

Носителот на новиот сој „Омикрон“ кој вчера и официјално беше регистриран во Македонија е во добра здравствена состојба – вели за Канал 5 министерот за здравство Венко Филипче и додава дека нема да има карантин за останатите патници во авионот бидејќи се почитувале протоколите. И покрај тоа што присуството на сојот за кој важи дека има голема трансмисија, Филипче смирува дека во моментов не постои ризик за влошување на епидемиолошката состојба, но сепак вели дека ситуацијата ќе следи, па согласно со истата и ќе се постапува.

-Тоа се лица кои што носат маски, кои што според барања на одредени авионски компании дури се и Н95 маски, така да во смисла на тоа, еден сериозен процент на населението е вакциниран, така што такви потврди за вакцинација се бараат за влез во земјата. Во таа смисла овој, патник – пациент е засега со многу лесна клиничка слика, се наоѓа во домашни услови, вели Филипче.

Иако сојот Омикрон затвори многу земји во светот во пресрет на Нова година и Божиќните празници, Филипче вели дека засега нема потреба од порестриктивни мерки во моментов во Македонија, а граѓаните ќе прославуваат со постојните протоколи, со апел да се почитуваат истите за да се спречи ширење на вирусот.

-Сметам дека сите овие мерки кои што се на сила сега кај нас се сосема доволни и не треба да се зголемува степенот на рестрикција во било која смисла, како во однос на тоа што се бара за влез во земјата, така во однос на се што важи за масовните собири, без разлика дали се тоа затворени објекти или некои настани или во угостителските објекти, вели Филипче.

Филипче додава и дека моменталните сознанија за оваа варијација одат во насока дека дава полесна клиничка слика. Инаку, првиот случај на сојот омикрон во земјава беше детектиран вчера кај маж кој допатувал од Велика Британија.

Back to top button
Close