ИЗМЕЌАРИ, ЧИВИ ?!

Ако по утрото се познава денот, не очекува невреме.

Додуше, денот се позна и по непосредната политичка историја, низ која консеквентноста на актуелните победници, низ потезите, оддамна е јасна и очигледна. Дури, и научно евидентирана, а согласно на севкупниот “минат труд” од ударите зададени врз и така кревката демократијата. Посебно, референтна е секако епизодата на заокружувањето на авторитаризмот преку егзекватурите на ВМРО-ДУИ ( 2006-2017) и направената дупка во историското време : со доказлив демократскиот дисконтинуитет/илиберализам; или демократска уназаденост!

Таа консеквентност, на иста линија си продолжи да се тркала од кога системски и систематски се инстaлираше, и ни милиметар не се помрдна, ниту во последните 7 години; ниту во кампањата; ниту на изборите, ниту ќе се мрдне некогаш, кај тие и такви субјекти со голем товар на грбовите.
Притоа, сепак, има нешто тука оригинално и субстантивно неодговорно/небезбедно кон големата слика, која за 5 пари беше продадена сосе ЕУ и мултикултурата, во комплет. Во ситна 2 за 1 малопродажба. Продадена е лагата, како патриотска вистина. Со полн легитимитет, да !, и тоа од ни помалку ни повеќе туку кај половина милион купци.

Ирелевантна е сега расправта за “општа воља(volont genral)”, а небитни се и одговорите за евентуалните причинско-последични и старо-нови инагураации на авторитаризмот и на етнопопулизмот. Ре-воспоставени се уште на нултиот ден, со евидентно катарзична ескалација , имено, уште од пред завладувањето (формално). Следствено, недостижни се реалполитичките ефекти од таа патриотическа екстатичност и оттука,тоа ми дава за право да мислам дека ќе се изнагледаме, за почеток, драматични емо политики. Скоро па, како на концерт ма Мерлин Менсон. А понатака, тоа ќе биде на ниво на стриптизот од Дита Фон Тиз; ма не,каква Дита, ќе биде тоа онолку заводливо колку што е кај северните соседи и нивните ментори (народот ќе се заведува преку паризери или гулаши). Нема овде “месо” за еротика, затоа што, нели, сексот е интелектуална работа.

Се враќаме во 2016-та.
Па и во 2008-ма.
Неизвесно е до која година ќе се вратиме наназад?
Например, сомнителна милијарда во најава; па наострен, затегнат и прегнантен етно-национализам ( и иридентизам, според толкувачите) во брз раст е.
Еве нЕ тука сме, па, добредојдовме во седмата година од успешната кампањата и 31-та година од политичката консеквентност на експозитурите. Сега кога тие ќе дојдат во допир со демократските процеси- што мислите дека ќе прават?

Одма да ви кажам, ништо неочекувано, ништо што не е видено.
Дали, втората епизода на авторитаризмот започна? Ако е почната, во чива режија е? Да не биде црногорски сценариј на македонски начин, можеби , во Продукција лажни вести ДОО ?!
Како и да е некој “црв ме јаде”, околу очекувањата, дека, сепак да може да тргнеме и чекориме барем со скромни чекорчиња во некое подобро време, ама па , флеш бекот ме навраќа и присеќа нужно на реториката која изборните победници од петни жили ја урлаа по однос за некаква “Тиранска платформа”, која божемски ќе го урнисаше македонскиот народ. А сега, спротивно, добивам впечаток како главен преговарач за новата влада да е Курти, кој, директно беше вклучен во изборниот процес со јасно завземена страна. Можно ли е тој да се профилира како главен преговарач на Мицковски ?

Исто, не ми е верно и тоа што, ако се присетиме, имаше и една друга појавност од денешен ВЛЕН кога јавно се побара формирање на заедница на албански општини во Македонија ?! Слично, не толку одамна еден од носителите и главни ликови коловоџи во ВЛЕН, дава(ш)е изјави зошто па да немало присоединување кон Косово?.
Од друга страна, слушајќи ги сега препукувањата околу свечената изјава на Претседателката, наеднаш некако стигна од најнеочекуваните места (ликови со дела) лавина од оценки за Преспанскиот! Те ова е предвидено, па ова не е предвидено, па јазикот заштитен, нацијата исто. Побогу, зошто порано не го прочитавте договорот ?!

Конечно, со измеќарството на политичките субјекти ( спрема Курти и Вукиќ), фактички станува повеќе од извесно дека земјава се уситни на малецка паричка за поткусурување меѓу нивните веома врло затегнати односи!
На ова имам само едно прашање: ЗОШТО?
И подпрашање, секако : Што ќе ни е таков измеќарлук ? Зарем немаме своја оригинална и хуманистичка приказна вредна за живеење ?

Убедена сум дека имаме, и таа е во демократската мултикултура и квалитетен и прогресивен соживот. Ова дури има и свој државно субјективен карактерен континуитет од АСНОМ до денес.

Другарчиња, предлагам, малце сите да се врзаумат, и да не се сечат гранките на кои не само што седиме, туку и можеме мирно да си спиеме.

Полека со ролшулите, да не излизгате.

Ана Чупеска

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close