Специјалниот суд за Косово в среда ќе ја објави пресудата за поранешниот косовски претседател Тачи и другите лидери на ОВК

Специјалниот суд за Косово во Хаг на 16 септември ќе ја објави првостепената пресуда за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Хашим Тачи и другите обвинети за воени злосторства во Косово и во Албанија во текот на 1998 и 1999 година.

Заедно со поранешниот косовски претседател Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи се обвинети за злосторства врз Срби, Роми и Албанци во повеќе од 40 притворски центри на ОВК во Косово и Албанија. Сите тие биле водечки членови на Генералштабот на ОВК.

Обвинителите, на крајот на судењето во февруари, побараа од судскиот совет да ги прогласи сите обвинети за виновни и да го осуди на по 45 години затвор.

Обвинетите тврдеа дека обвинителите не успеале да ја докажат нивната вина и побараа од судот да ги ослободи од обвиненијата.

Судењето заврши на 18 февруари, а советот двапати го продолжуваше рокот за изрекување на пресудата поради сложеноста и обемот на постапката.

Според обвинението, Тачи, Весели, Селими и Красниќи сносат индивидуална кривична одговорност за злосторствата извршени од припадници на ОВК за време на немеѓународен вооружен конфликт, како дел од „распространети и систематски напади врз лица осомничени дека се против ОВК“.

Во обвинението се наведува дека припадници на ОВК извршиле злосторства врз приближно 407 притворени лица, од кои најмалку 102 биле убиени. Обвинението идентификува 75 жртви: 51 Србин, 23 Албанци и еден Ром.

Тачи, Весели, Селими и Красниќи се товарат за: прогон врз политичка и етничка основа, затворање, незаконско апсење и притвор, други нехумани дела, сурово постапување, присилно исчезнување, тортура и убиство.

Шест точки од обвинението ги товарат Тачи, Весели, Селими и Красниќи за злосторства против човештвото, додека четири точки ги товарат за воени злосторства.

Во обвинението како соизвршители во злосторничкиот потфат се наведени и офицерите на ОВК: Азем Сила, Лахи Брахимај, Фатмир Лимај, Сулејман Селими, Рустем Мустафа, Шукри Буја, Латиф Гаши и Сабит Геци.

Сите обвинети се изјасниле дека не се виновни. Тие се наоѓаат во притвор во Хаг од нивното апсење во Косово на 4 и 5 ноември 2020 година.

Судењето на Тачи и на другите обвинети почна пред судот во Хаг на 3 април 2023 година, а обвинителството го заврши изнесувањето на доказите на 15 април минатата година.

Во судницата во Хаг беа сослушани 125 на обвинителството и беа прочитани десетици сведочења во пишана форма. Доказниот материјал на обвинителството вклучува и 3.000 документи на албански, српски и англиски јазик.

Back to top button
Close